Ново задолжување од 180 милиони долари за изградба на автопатот Кичево- Охрид

Обезбеден нов заем во износ од 163 милиони евра ( 180 милиони долари ) за изградба на автопатот Кичево- Охрид. Собранието го изгласа предлог законот за ново задолжување кај Експорт – импорт банката од Кина.

Од опозицијата посочија дека ќе го подржат прелогот, затоа што Кичево – Охрид е нивен проект и треба да се доврши. Обвинија дека власта кога била во опозиција постојано критикувала дека трасата е промашена и служи за собирање провизии, за сега да го промивира како проект кој ќе обезбеди сигурен транспорт.

Кредитот е со рок на отплата од 20 години, со вклучен грејс период од 5 години кои ќе бидат отплаќани во 30 еднакви полугодишни рати кои пристигнуваат за плаќање на 20 април и 20 октомври. Каматна стапка е фиксна каматна стапка и ќе изнесува 2% на годишно ниво за целото времетраење на заемот.

Јавното претпријатие за државни патишта ќе и плати на Експорт – импорт банката на Кина еднократна провизија во износ од 0,25 % од износот на заемот, во рок од 30 дена од датумот на влегување во сила на Договорот за заем, а ќе плаќа и провизија на неповлечените пари во износ од 0,25% на годишно ниво.

Ова е трет анекс на Договорот за заем за овој автопат кој беше потпишан во 2013 година на износ од 411 милиони евра. Лани со банката беа потпишани два анекс договори во мај и септември со кои требаше да се откочат градежните работи на автопатот. Во септември лани владата овозможи да се користат 205 милиони евра. Третиот анека на договорот владата го одобри во ноември лани.

Досега во рамки на проектот, како што стои во предлог законот за гаранција на кредитот, се повлечени 315,6 милиони долари (287 милиони евра) од заемот. Пробиени се околу 96% од трасата (пристапни патишта и дел е полн профил на траса). Се работи на земјените работи, пропусти, косини и асфалтирано е со прв слој од асфалт во должина од околу 18 км. Вкупниот прогрес на градежните работи изнесува 76,65%. Рокот за градба е продолжен до 30.06.2021 година и рокот за повлекување на средства од заемот е продолжен до 31.12.2021 година.

error: Content is protected !!