Инвестирање во вредностa на бизнисот

Започнувањето сопствен бизнис не е нималку лесна работа. Ти како претприемач, имаш дури премногу работи на ум, уште пред да го започнеш бизнисот: почетен капитал, клиенти, истражувања на пазарот и пронаоѓање таленти.

Интелектуалната сопственост (ИС) веројатно, нема да се најде во топ приоритетите на оваа листа. Но, интелектуалната сопственост е важна, впрочем како и сите останати видови на сопственост – особено за еден стартап. Во повеќето случаи, таа е ‘рбетот на модерните технолошки бизниси.

Последните истражувања велат дека во модерното деловно време во кое живееме, дури 84% од сите произведени добра се резултат на нематеријалните средства на бизнисите во кои спаѓа и интелектуалната сопственост.

Но што претставува интелектуалната сопственост?

Всушност, тоа се токму тие нематеријални творби, или невидливи добра, кои се производ на човечкиот креативен ум и интелект, а чија вредност на пазарот понекогаш е поголема од тоа што можеме да го претпоставиме.

Тука спаѓаат: Трговските марки, Патентите, Индустриските дизајни, Авторските права, Геогравските ознаки, Трговските тајни, Трансферот на технологии, Лиценци/франшизи, Е-трговијата и нивните сродни аспекти.

Токму затоа ИС е важна за стартапите – затоа што таа носи нови вредности, и нови начини на монетизирање на тие вредности. Како?

  • преку зголемување на шансите за привлекување инвестиции
  • заштита на сопствените производи и услуги од конкурентите
  • слобода за работење на различни пазари
  • рапидно зголемување на уделите на пазарите
  • можност за креирање на стратегиски партнерства и заеднички потфати
  • зголемени шанси за преговори/превземање од поголеми корпорации
  • подготовка за IPO – иницијална јавна понуда на акции
  • неколкукратно зголемување на шансите за успех
  • можност за креирање на мулти-милионски бизнис

Како модерни претприемачи мора да се научиме да размислуваме за интелектуалната сопственост уште откога ќе ги поставиме контурите на сопствениот бизнис.

Да, понекогаш ИС знае да биде долгорочна, комплицирана и скапа постапка, но ако се започне навреме, истата може да донесе огромен бенефит за стартапот како и за самите сопственици.

Оние што ќе успеат да ја препознаат, заштитата и менаџираат ИС се тие стартап компании кои инвестирањето во својот бизнис ќе можат вредносно неколкукратно повеќе да го наплатат.

Ѓорѓи Рафајловски
Оперативен директор на SEEUTechPark, првиот технолошки парк во Македонија.

*Колумните се лични ставови на авторите и Macedonian Business Hub се оградува од ставовите во објавените колумни, а одговорноста за изнесеното во нив е исклучиво на авторот.

error: Content is protected !!