Со 10 милиони евра кредит од ЕБОР, ќе се реконструира патот од Крива Паланка до граничниот премин Деве Баир
Со средства во износ од 12,5 милиони евра, ќе се реконструира 13 километри пат од Крива Паланка до граничен премин Деве Баир, дел од коридорот 8. На локацијата кај село Узем, Кривопаланечко, денеска официјално почнаа градежните работи од проектот „Побезбедно патување и подобра поврзаност на граѓаните на Македонија“ поддржан од Европската унија и Програмата за инвестирање.
Анди Аранитаси, претставник на ЕБОР за С.Македонија, рече дека дека подобрувањето на поврзаноста и општинската инфраструктура во земјите од Западен Балкан е еден од приоритетите на ЕБОР во регионот.
-Ние остануваме силен партнер во подршката на овие напори. ЕБОР го финансира проектот со заем од 10 милиони евра, а ЕУ обебедува 2,4 милиони евра инвестициски грант од програмата за Западен Балкан. Моментно, условите на постоечките патишта не се добри, има ограничувања од 50 километри на час, а поголем дел од делниците се со остри кривини. Подобрувањето на патот ќе го зајакне квалитетот на превоз на стока и луѓе и ќе го поттикне економскиот развој, како и регионалната интеграција, рече Аранитаси.
Директорот на ЈПДП, Зоран Китанов, истакна дека цело е кога има се, а овој дел е значаен за заокружување на целината на патната инфраструктура до и од Крива Паланка.
-Еден од нашите приеоритети е и продолжување на подобрувањето на патната инфраструктура на коридорот 8 и Владата ќе работи на модернизација на овој коридор до ниво на автопат или експресен пат согласно потребите и фреквенцијата на делницата, со цел посигурен и побрз транспорт на луѓе и стоки. Паралелно се врши целосна рехабилитација на стариот пат Крива Паланка-Ранковце што ќе заврши напролет. Минатата недела заврши тендерот и воведен е во работа изведувачот на делницата од Страцин до Ранковце, а во февруари ќе се работи од Куманово до Страцин, така што за година-две Крива Паланка ќе има комплетно обновена патна инфраструктура, рече Китанов.
Изведувач на градежните работи е „Гранит“, а рокот за реализација е 24 месеци.
ЕБОР инвестира во Македонија од 1993 година и досега има потпишано 128 проекти вредни над две милијарди евра, од кои 85 отсто се за проекти во одржливиот инфраструктурен сектор.
