5-те стартап митови за интелектуалната сопственост

Интелектуалната сопственост е нестандардна, комплицирана, и спора процедура која црпи од ресурсите. Затоа многу од стратапите одлучуваат воопшто да не се инволвираат со неа, мислејќи дека еден ден, некој правник преку ноќ ќе заврши се што треба да сè направи околу тоа.

Сосема погрешно! Еве и зошто:

Најважната работа кај еден стартап е новата идеја, или начинот на спроведување на сосема нов концепт на нештата. За успешен стартап, клучно е ваквите идеи да се спроведуваат брзо и да бидат поткрепени со инвестиции. Ако дури 90% од уникатноста на еден стартап доаѓа од нематеријалните стредства или интелектуалните добра – зарем не е логично да му посветите најголемо внимание на делот што секогаш (ќе) носи експоненцијално најголема вредност?

Се почесто, новите, млади и динамични компании се ориентирани кон изработка на многу детални стратегии: стретегија на раст, стратегија на продажба, маркетинг стратегија, па дури и SEO-стратегија… Моето прашање е – зошто не правите старетегија за менаџирање на највредните средства во бизнисот?

Немањето на стратегија за интелектуална сопственост (ИС) е помеѓу најчестите грешки за развој на стартапите. Немањето стратегија, доведува кон некои генарални заблуди околу заштитата, и тоа:

• Не е тоа за мене и мојот бизнис
И да продавате бомбони на мали дечиња – потребен ви е бренд, нели?! Продажба на нови пазари, маркетинг активности, преговарање со инвеститори, нови технологии, договори со клиенти и вработени се само дел од причините зошто ви е неопходна заштита на ИС. Впрочем, луѓето со кои работите доаѓаат и си одат, како и надворешно ангажираните лица – сите тие може да посакаат да бидат дел од успехот кој „им припаѓа“.

• Има време за тоа – сега сум посветен на друго
Потребата да се излезе на пазарот со сопствен производ/услуга што побрзо е најголемата потреба за еден стартап. Но, времето за правилно насочување кон заштитата нема да може да го вратите преку ноќ. Вашата вредност нема да се зголеми неколкукратно по 3-4 години само затоа што вие така сакате. Потребни се проактивни и навремени советувања со специјалисти и експерти, за да не се испуштат важните чекори за правилна заштита. Затоа, во ИС постојат оредени фази кои ако ги пропуштите – вредноста која ви ја носат може да биде загубена засекогаш.

• Заштитата е скапа работа
Верувале или не, заштитата на ИС не е прекумерно скапа работа! За некои од процедурите дури и не треба формална (поскапа) заштита како на пр: договор со вработени/партнер, авторство, трговска тајна, дата-база, домејн-име, или изјави за доверливост. Всушност, дел од трошоците потребни и при формалната (законска) заштита се „растегливи“ низ подолг временски период од неколку месеци или квартали. Пробајте и одвоите ист годишен буџет за ИС како и за сметководствени услуги или патни трошоци, и веднаш ќе увидите какви бенефиции ќе добиете на подолг рок.

• Сам се имам заштитено со договорите
Најчестата заблуда. Користењето на „pro-forma“ урнеци и документација за заштита, кои се целсоно несоодветни за бизнисот, вработените или процесите се голем проблем. Уште поголем проблем се немањето клаузули за контроли и спроведување на активностите. Кога, како и под кои услови се најважните под-прашања во договорните страни, не помалку важни од прашањето: што ако?

• Заштитата ми е низ цел свет
Кога се работи за правата на ИС, во многу случаи заштитата е територијална. Тоа значи дека ако имате трговска марка или патент заштитен во Македонија – заштитата нема да важи во САД, доколку планирате да оперирате на тој пазар. Иако заштитата на одредени сегменти е интернационлана, заблуда е фактот дека со една постапка – уживате автоматска заштита низ целиот свет! Посебно ако се земе во предвид фактот дека во бизнисот, заштитата оди рака под рака оперативните активности на вашиот бизнис на одредена територија.

Ако сакате да сте успешни, не потпаѓајте под истите грешки. Бидете проактиви и работете на подготовка на Стратегиски План за интелектуална сопственост. Консултирајте се со специјалисти за ова. Не правете огромни трошоци трудејќи се да зашититите се и сешто уште на самиот старт – заштитете го само тоа што ви е круцијално во фазата на раст во која сте моментално. Да, тоа чини – но тоа е инвестиција која е вредна за да бидете подобро позиционирани пред инвеститорите, партнерите и конкурентите.

Ѓорѓи Рафајловски
Оперативен директор на SEEUTechPark, првиот технолошки парк во Македонија.

*Колумните се лични ставови на авторите и Macedonian Business Hub се оградува од ставовите во објавените колумни, а одговорноста за изнесеното во нив е исклучиво на авторот.

error: Content is protected !!