Бектеши: Ќе го забраниме извозот на брашно

„Приремена забрана за извоз на брашно кон трети земји, формирање фонд за туризам за поддршка на туристичкото стопанство, барање до ЗАМП да ги стави во мирување побарувањата од рестораните и хотелите, се дел од мерките на Министерството за економија за ублажување на последиците од вирусот Ковид-19. На почетокот на неделата Владата донесе одлука да ги замрзне цените на основните прехранбени производи со цел да не дојде до ценовни шокови.

„На седницата на Владата, која се одржа во понеделникот, донесовме одлука за замрзнување на цените на основните прехранбени производи, и тоа на лебот, солта, зејтинот, млекото и млечните производи, јајцата, брашното, месото, тестенините, лековите и дезифекциските сретства со состојба на денот на прогласување на пандемијата на СЗО, освен оние за кои има доказ дека им се зголемени влезните фактури. Изминатите денови сите бевме сведоци на зголемената побарувачка кај граѓаните што од стравување дека ќе се зголемат цените на основните производи купуваа во големи количини. За да не дојде до зголемување на цените под притисок на побарувачката и како резултат на мерките за заштита на пазарот на соседните земји, веднаш решивме да ја донесеме оваа одлука. Сакам да ги уверам граѓаните во консултација со најголемите супермаркети и дистрибутери на храна и основни производи дека дека имаме доволно резерви, но решивме да реагираме превентивно за да не дојде до поголеми ценовни шокови“, истакна министерот Бектеши на промовирањето на економските мерки за справување со коронавирусот денеска во Владата.

Министерот потенцира дека во насока на заштита на граѓаните од зголемување на цените на храната, Министерството за економија предложи забрана за извоз на брашно од пченица кон сите земји на неограничено време.

„Во моментот заедно со Министерството со земјоделство и Царинската управа ги преземаме сите неопходни мерки и активности сè со цел да ја спроведеме оваа мерка. Северна Македонија е увозно зависна земја, особено во делот на брашното и пченицата. Оваа мерка ја донесовме со цел да ги заштитиме домашните производители на брашно, но и да не дојде до покачување на цената на лебот доколку оваа ситуација со коронавирусот се пролонгира. Во исто време сакам да информирам дека Царинската управа заедно со Министерството за земјоделство го следи и трендот на извоз на рафинирано сончогледово масло за јадење, ориз, кондиторски и пекарски производи (тестенини, бисквити и слично), а како Влада донесовме и препорака за мелничко-пекарската индустрија да ја има предвид и бесцаринската квота за увоз на пченица од земјите членки на СТО во количина од 80.000 тони“, потенцира министерот.

Министерот рече дека Министерството за економија ќе достави до Владата и предлог за 100-процентно ослободување од царинските давачки за производите од брашно, сончогледово масло, бел шеќер, сапуни, детергенти, облека и прибор за облека, пелени за деца и возрасни и марамчиња, рачни капи во ролни, пластични маски со текстилен филтер, текстилни прекривки за хируршка употреба, хируршки костими од хартија, хартиени маски, заштитен гумен костим, гумени ракавици, хируршки и други средства за дезинфекција, медицински алкохол, заштитни очила.

„На најголем удар е туристичкиот сектор поради откажани аранжмани и тури од страна на граѓаните поради затворање на границите, но и поради откажување на летовите од страна на авиокомпаниите. Како резултат на барањата на туристичките комори предвидовме и мерки за поддршка на туристичкиот сектор. Во овој сектор има околу 70 илјади вработени, кои се на удар од последиците на коронавирусот“, рече Бектеши и додаде дека Министерството за економија предлага сите средства предвидени за развој, промоција и поддршка на туризмот да се пренаменат во фонд за туризам со цел да се обесштети туристичкото стопанство да ја преброди кризата во согласност со бројот на вработени.

„Овој фонд за туризам во моментот проценува околу 74 милиони денари, од кои 44 милиони денари се во рамките на програмите на Министерството за економија, кои нема да бидат искористени, а 30 милииони денари се од Агенцијата за промоција и поддршка на туризамот. Исто така, како мерка предлагаме и ќе побараме од ЗАМП – Здружение за заштита на авторските и музичките права, да ги стави своите побарувања од хотелите и рестораните во мирување во период од шест месеци. Сите угостителски објекти се задолжени да платат паушал во зависност од капацитетот на угостителскиот објект, а имајќи предвид дека Владата забрани работа на ресторани, кафулиња и други услужни објекти, сметаме дека побарувањата од ЗАМП треба да се стават во мирување“, рече министерот.

Овие мерки се само почеток. Сакам да потенцирам дека Министерството за економија секој ден претпазливо ја следи состојбата на терен и штом има потреба, ќе бидат донесени дополнителни мерки, со кои ќе се заштити економијата, а со тоа и граѓаните, додаде тој.

error: Content is protected !!