Репроматеријалите за производство на заштитни маски и слични производи ќе бидат ослободени од царина
Репроматеријалите за производство на заштитни маски и останати производи кои се во моментов најпотребни, ќе бидат ослободени од царина или таа ќе им се намали. Министерот за економија Крешник Бектеши ова го најави во емисијата Економски магазин на Алсат.
Денеска листата на производи за кои се бара ослободување од царина оди на владина седница.
„Зборуваме за репроматеријали за нашите текстилни фабрики да произведуваат заштитни маски, тука во нашата држава. Со што ќе ја контролираме цената, а ќе имаме и доволно заштитни маски. Се зборува исто така и за производи за во прехранбената индустрија“, вели министерот Бектеши.
Произведувачите на храна денеска пред надлежните, но и пред новинарските екипи гарантираа дека залихи има доволно за сите. На граѓаните им порачаа да не паничат и да не купуваат во огромни количини. Залихи за репроматеријали производителите имаат за околу два месеци.
Производителите на храна добиле уверување и од Царинската управа дека интензивно се работи за да се обезбеди непречен проток на стока, не само со земјите од ЦЕФТА регионот, туку и во рамки на Европската унија.