Државата ќе дели ваучери за надоместување на пропаднатите туристички аранжмани на граѓаните

Ваучери со кои ќе се обештетуваат граѓаните заради пропаднатите туристички патувања во период на кризата со корона вирусот ќе добиваат туристичките агенции. Ваква најава денеска објави министерот за економија Крешник Бектеши кој рече дека секој граѓанин ќе добие ваучер во висината на вредноста на аранжманот кој што не го искористил и му пропаднал.

-Ваучерите тие ќе може да ги искористат за друго патување. Тие ќе важат за кое било патување, заклучно до јануари 2021. Издавањето на ваучерите ќе биде унифицирано за сите агенции и ќе се реализира во согласност со двете страни. Така, сите клиенти кои ги откажале аранжманите нема да ги изгубат парите, а во исто време агенциите ќе можат да го издржат товарот, објасни Бектеши.

Тој додаде дека доколку некоја агенција во меѓувреме се затвори и прекине со вршење на дејноста, ќе има обврска парите во целост да им ги врати на клиентите. Агенциите што нема да ги следат упатствата за добивање и издавање на ваучерите, ќе добијат прекршочни и кривични пријави.

Инаку, на барање на Министерството за економија, Здружението за заштита на авторски и музички права ЗАМП донесе одлука да ги ослободи од плаќање надомест за музика, рестораните, хотелите, кафулињата и останатите субјекти што плаќаат ваков надомест, имајќи предвид дека воопшто не работат.

error: Content is protected !!