Спасовски: 250.000 вработени ќе добијат по 14.500 месечно за април и мај

Со овој втор пакет мерки владата спроведува директна помош и поддршка за реалната економија, секое семејство, поединец и секоја фирма. Ова се мерки за сите погодени од кризата. Главната мерка од економскиот пакет е помошта од 14.500 денари месечно за секој вработен за април и мај.

Со оваа мерка државата ги спасува работните места на граѓаните. За неа донесовме уредба со законска сила за финансиска поддршка за работодавачите од приватниот сектор со што стапуваат во сила сите одредби за сеопфатна директна финансиска поддршка, рече на денешната прес-конференција премиерот Оливер Спасовски.

– Ова е директна мерка за зачувување на работните места и работните процеси. Ќе бидат опфатени околу 250.000 работни места и околу 35.000 компании. Сумата што ќе ја добие секој работник е 29.000 денари, скоро 500 евра. Оваа уредба го опфаќа секое претпријатие од приватен сектор кое вработува работници врз основа на договор за вработување, секое правно лице и работодавачите кои преку приватни агенции ангажираат работници, вели премиерот.

Тоа значи дека ако работно бил ангажиран за цело работно време ќе добие 14.500 денари, а скратено ќе добие сразмерен износ. Рабодотодавецот поднесува барање за финансиска поддршка до УЈП која е задолжена веднаш да ги утврди формата и содржината на обрасците. Барањето ќе оди преку е-даноци на УЈП до 5 во месецот за претходниот месец. Комплетноста на барањето го утврдува УЈП во рок од три дена. Сите информации за тоа кои компании имаат право на оваа мерка и оние кои не се опфатени ќе бидат наведени во уредбата во службен весник и на веб страницата на Владата.

По обработката на апликацијата УЈП ќе го информира работодавецот за вкупниот износ што ќе биде исплатен за месецот и ќе ја извести Владата за оние кои ги исполниле условите. Износот ќе се исплатува до 13 во месецот за претходниот месец. Работодавецот кој ја користел оваа помош има обврска да ги врати добиените финансиски средства во целосност заедно со камата доколку по извршена контрола од УЈП се утврди дека не ги исполнил условите за стекнување право на користење на оваа мерка. Работодавецот има обврска да го задржи истиот број на вработените. Согласно оваа уредба, оние кои ќе ја користат оваа поддршка имаат обврска средствата да ги вратат во буџетот на  Македонија.

Како алтернатива на оваа мерка, компаниите може да изберат можност за покривање 50 отсто од придонесите на платите на вработените. Тоа е субвенционирање на исплата на придонеси од задолжително социјално осигурување во време на вонредна состојба.

Притоа пресметаната сума не може да биде повисока од 50 отсто од придонесите за социјално осигурување пресметани според просечната бруто плата според податоците на државниот завод за статистика од 2020 година. Со мерката се очекува да бидат опфатени околу 20 отсто од осигурениците, за што се потребни 568.690 милиони денари за април и мај. Не може да се користат двете мерки, само една или плата или покривање придонеси.

Владата воведува економски мерки за секој погоден од кризата. Затоа денес донесовме Уредба за финансиска поддршка на физичка лица кои вршат самостојна дејност погодени од кризата. Оваа уредба е за нашите сограѓани занаетчии и вршители на самостојни дејности. Финансиската поддршка ќе се спроведува преку владината програма за поддршка со исплата на средства преку трансакциска сметка за април и мај, во износ најмногу до 14.500 денари месечно. И за оваа мерка сите услови ќе бидат детално објавени во уредбата во службен весник или на веб сајтот на владата. За сите наредни уредби ќе известуваме одделно и сеопфатно

error: Content is protected !!