Зошто и како се вреднуваат стартапите

Едноставно кажано, вреднувањето на бизниси е процес од цел еден сет на процедури кои имаат за цел да ја одредат крајната финансика вредност на бизнисот. Иако ова звучи едноставно, за правилно вреднување на одреден бизнис е потребна е добра поготовка, обука и соодветни вештини.

Мноштвото сопственици на стартапи не ја знаат вистинската вредност на нивните компании, па често пати знаат да додаваат сентиментални, претерано неопипливи и нерелеистични пазарни вредности. Така тешко се изразува вистинската – финансика вредност на нивната компанија.

За да подобро го разбереме процесот на вреднување, мора да појдеме од 2 клучни аспекти, и тоа: зошто се вреднува и како се вреднува?

Постојат четири главни причини зошто најчесто се вреднуваат бизнисите:

• Купување или продажба на бизнисот
• Собирање на сопственички капитал /инвестиции
• Креирање на интерен пазар на акции
• Мотивирање на менаџментот и донесување на стратегиски одлуки

Доколку вашиот бизнис е во ‘startup’ или ‘scale-up’ фаза, постапката на вреднување на стартапот во првите пет години, и подоцна на секои 2-3 години, на претприемачите може да им даде пореални очекувања за вредноста на нивниот потфат. Исто така, ќе им даде можност да креираат практична временска рамка за евентуалната продажба на бизнисот или да разгледаат други – излезни опции за истиот.

Воедно, сопствениците ќе бидат добро информирани за моменталниот статус на компанијата, и на можностите за: продажба на сопственоста, купување на дополнителен удел, влегување во партнерства или потенцијално инвестирање во некое друго деловно поле.

Исто така, имањето на конкретна бројка значи и колку се вреднувате себе си како претприемач. Дали работите на бизнис што има за цел само правање пари и не може да биде префрлен на никој друг, или пак сте подготвеени да превземете мали измени за на крајот да можете да го продадете бизнисот за многу пари и да се пензионирате предвреме?

Вториот аспект, односно одговорот на прашањето: како се вреднуваат бизнисите, е уште поважен за еден стартап.

Денес постојат повеќе од 18 методи, и повеќе од 52 под-методи (варијации) за вреднување на компании. Практично секој инвеститор, организација или институција има свој „сет на критериуми“.

Сепак, општо прифатено е дека вреднувањето најчесто се прави со помош на вкрстување на мин. 3 методи за проценка на вредноста. Најважните три методи преку кој се вреднуваат бизнисите се:

• Методот на трошоци – овој пристап ја заснова проценката врз големината на основата на активата создадена како резултат на минатите операции. Едноставно кажано, таа ја претставува ликвидациската вредост на фирмата, или колку вреди се што се направиле до денес. Во повеќето случаи, овој пристап ќе ја даде најниската вредносна проценка, дури и за компанија која постојано работи профитабилно.

• Методот на пазарна вредност – во одредени индустрии, купување и продажба на бизниси е вообичаено. Ова доведува до развој на широко распространета т.н. „пазарна вредност“. Главната маана во методот на пазарната вредност е дека ваквото вреднување има тенденција да се заснова на просечни вредности што произлегуваат од голем број бизнис-продажби, кои можат значително да варираат и да не ги земат в предвид специфичните каратктеристики на одреден бизнис.

• Методот на (идни) приходи – овој модел на проценка е еден од најчесто користените модели за вреднување. Методот претпоставува дека компанијата оперативно ќе биде со стабилна и постојана стапка на раст. Финансиската анализа и потенцијалот за раст тука се клучот за разбирање како бизнисот (ќе) работи, и споредувајќи ги стапките во текот на еден временски период, може да помогне да се идентификуваат областите кои бараат понатамошно внимание и насочување. Овој метод е исто така и најтехничкиот начин за вреднување на дадена деловна активност.

Кој и да е вашиот мотив, време е искрено да си го поставите себе си единственото важно прашање релевантно за секој економски субјект: колкава е економската вредност на вашата компанија или колку таа вреди во пари?

Ѓорѓи Рафајловски
Оперативен директор на SEEUTechPark, првиот технолошки парк во Македонија.

*Колумните се лични ставови на авторите и Macedonian Business Hub се оградува од ставовите во објавените колумни, а одговорноста за изнесеното во нив е исклучиво на авторот.

error: Content is protected !!