Скоро половина од лицата на важни функции во јавните претпријатија немале доволно искуство од таа област

Околу половина од лицата на раководни функции во јавните препријатија воопшто немале искуство или имале до пет години искуство во работата на препријатието, покажува истражувањето направено од Институтот за демократија „СоциетасЦивилис“ – Скопје (ИДСЦС).

Истражувањето укажува дека кај новоназначените директори, 17 проценти немаат никакво искуство од областа на претпријатието, осум проценти имаат искуство од една до три години, а 17 проценти имаат искуство меѓу четири и пет години. Наспроти ова, 58 проценти од назначените директори имаат искуство во работата од шест или повеќе години, а само една третина се со над десетгодишно искуство.

Кај надзорните органи состојбата е многу полоша, односно дури 62 проценти од членовите се со искуство до пет години, а речиси секој петти член на надзорен одбор воопшто нема искуство во областа на работа на претпријатието. Кај управните органи, 37 проценти од членовите немаат никакво искуство, а 54 проценти се со искуство од барем шест години.

– Владата, како и други власти кои ги именуваат управувачките структури на јавните претпријатија, мораат да се водат од принципите на јавност и компетитивност. Предлог измените на Законот за јавни претпријатија кои низ консултации беа развиени во 2019 година, гарантираат воведување зајакнати критериуми за избор кои ќе бидат фокусирани на искуство и вештини, велат од Институтот за демократија.

Целосната анализа може да се види на веб-страницата на Институтот за демократија “СоциетасЦивилис“ – Скопје (ИДСЦС).

error: Content is protected !!