Борел: Европа не прави ни грам парацетамол, 90% од антибиотиците се произведуваат во Кина

Шефот на европската дипломатија, Жосеп Борел, оцени дека криза од библиски размери ќе ги погоди Европа и светот, како резултат на пандемијата на коронавирус, „и земјите во развој ќе ги загубат приходите бидејќи дојде до крах на извозот, цените на нафтата и сировините, туризмот запре, исто како и дознаките од економските иселеници“.

Борел во интервју за шпанскиот весник „Вангардија“ рече дека Европската унија мора да ја врати стратешката независност во клучните сектори на економијата и дека, поради тешката криза, мора итно да се согласи да се создаде фонд за обновување на европската економија затоа што, како што рече, сфатил „дека ѓаволот ја зеде шегата “.

„Сè уште не сме свесни каква криза не чека“, предупреди Борел, велејќи дека „глобализацијата мора да биде преиспитана“, наведувајќи дека, до сега се сметаше дека со тоа пазарот „секогаш се снабдува со потребните добра секогаш и насекаде“.

„Но, кога ќе дојде до распад и недостиг како сега, сфаќате дека 90 отсто од антибиотиците се произведуваат во Кина, дека Европа не прави дури и грам парацетамол и нема резерви за справување со здравствени кризи“, додаде тој.

„Треба да се заштитиме себеси, да ја вратиме улогата на државата и подобро да управуваме со светските работи. Воопшто не е точно она што велат националистите од сите бои дека секој секој сам може подобро“.

Борел оценува дека е неопходно некои производи да се прават во Европа, да се произведат повеќе различни артикли со свој капацитет и да се врати вредноста на стратегиска автономија.

И, како што истакна тој, „станува збор за градење безбедносни инструменти, намалување на зависноста и избегнување другите држави да ја преземат контролата врз нашите основни бизниси“.

Запрашан од „Вангардија“ дали тоа значи да се согласи со повикот на францускиот претседател Емануел Макрон за враќање на европската индустриска независност и дали предлага национализација на претпријатијата за да се спаси економијата од колапс, Борел рече дека „национализација или да се дадат субвенции може да бидат спорни поими”.

Но, дава до знаење дека „државите треба да им дадат капитал на деловните субјекти за да избегнат крах“, додавајќи дека Франција штотуку најави дека тоа ќе го стори со Ер Франс.

„Не смее да се дозволи падот на вредност на берзите да доведе до тоа претпријатијата да ги купуваат странски фирми … државите мора да се заштитат себеси и еден од начините е да инвестираат средства во нивниот капитал, затоа што тоа е економска и политичка логика и разум“, заклучи Борел.

Тој рече дека лидерите на ЕУ сепак се согласиле солидарно да финансираат преку буџетот на Унијата за да ја вратат европската економија на цврсти нозе и покрај епидемијата, иако допрва претстои договор како предвидените илјадници милијарди евра ќе бидат поделени меѓу богатите и помалку богатите членки на Унијата.

Тој рече дека „мора да се обезбедат пари за работа на фирмите и плати, и тоа е брзо, а се плашам дека механизмите на ЕУ се бавни“.

error: Content is protected !!