Порака што падот на цената на нафтата ја испраќа

Цената на нафтата драстично падна, до толку што дури и одредено време беше и негативна. Тоа значи дека продавачите им даваа пари на купувачите за да им ја земат нафтата. Причината за негативната цена е складирањето на нафтата, немањето веќе простор за складирање, како и тоа што самото складирање кошта.

Како одговор на вештачки создадената криза со вирусот се затвори глобалната економија, што е преседан. Со тоа од една страна потрошувачката на нафта драстично падна, а од друга страна не се намали соодветно производството. И се дојде до момент кога немаше веќе место каде да се складира нафтата. Беше навистина болно и жално да се гледа како цената на нафтата колабира. Од причина што тоа е фактички индикација за колабирање на економијата, во случајов принудно, поради нејзиното затворање.

Ако до толку нема побарувачка на нафтата како ресурс, едноставно нема вистинска економска активност, што би создавала вредност. Централните банки упорно додаваат нови пари во очајни обиди да ја спречат дефлацијата (колапсот), но без успех, не може да ја поттикнат инфлацијата. И тој мал ефект што го постигнуваат не е поради вистинска економија, него е виртуелен и привремен. Како и би бил вистински, кога економијата е затворена и не создава, и падот на цената на нафтата е индикатор за тоа. Инфлацијата ќе дојде, но не таа што ја посакуваат.

И инфлацијата примарно нема да е поради количината на монетарната маса. Квантитативната теорија на пари, според која инфлацијата се врзува со количината на пари повторно се покажа погрешна, но сепак упорно се промовира.

Цената на нафтата ќе почне да се опоравува, веројатно од наредната година. Но, за жал тоа нема да е примарно поради зголемена економска активност, него поради намалување на нејзината понуда. Бидејќи со сегашната криза на нафтата голем број компании што ја вадат нафтата едноставно ќе затворат. И овдека воедно да се спомене фактот дека најголем производител на нафта во светот се САД, кои го превзедоја приматот од Саудиска Арабија во 2018. Па следат Русија, Канада и Кина.

Ја живееме пропаста на социјализмот на западот, кое ќе стане поочигледно како што времето одминува. И како и секогаш, кога марксизмот пропаѓа, тој не си заминува тивко во ноќта, него вреска и клоца до самиот крај. Тука ниту најголемите песимисти не можеа да предвидат дека марксизмот во своето пропаѓање ќе направи толкава огромна штета, за која што сметката за наплата допрва доаѓа. За марксистите секако ова не е пропаѓање на марксизмот, и како и обично, нивните лаги сакаат да ни ги претстават како вистина. Во случајов, стандардната лага дека повторно е виновен капитализмот, и сега го нарекуваат либерален капитализам.

Јованчо Спироски на Wall Street

Како може да биде либерален, кога политичарите не само што ја регулираат економијата како претходно, него во случајов дури и ја затворија, и не принудуваат да седиме дома, и спроведуваат казни за тоа. Тоа не е либерално, него е напротив, тоа е тиранија. Секако политичарите во целото нивно незнаење и неспособност, тоа ни го претставуваат дека е за наше добро. И како може да биде капитализам, кога убедливо најголеми должници глобално се политичарите (владите).

Како може да биде капитализам кога политичарите располагаат со буџети кои што завземаат голем процент од БДП-то, кој што процент само расте. Дополнително, во кризата од 2008, и сега воедно, политичарите решаваат како да се трошат парите што централните банки упорно ги додаваат во финансискиот систем. Нема никаква врска со либерален капитализам, него е социјализам.

Во овој контекст, за зголемување на акцизата на горивата во Македонија. Според одлуката на Регулаторната комисија од 21 Април 2020, цената на Супер 95 е 52 денари, а на Дизелот е 46,5 денари. Од тие пари, акцизата за Супер 95 е 24,7 денари, а за Дизелот е 18,1 денари. Има и давачки за резерви и животна средина, и на тоа се додава набавната цена и трошоците и маржата за нафтените компании. И на сето тоа плус се смета и ДДВ.

Кога ќе се собере, за Супер 95, од вкупната цена 52 денари, 33,6 денари одат кај владата, или 64% од цената, неверојатно. За Дизелот, од вкупната цена 46,5 денари, 25,5 денари одат кај владата или 54%. Некои ги окривуваат нафтените компании, меѓутоа во 6,38 денари (за Супер 95) што им припаѓаат се внесени и трошоците за продажба и складирање, и тоа малку што ќе им остане е профитот.

Во 2019 од акцизи (горива, алкохол, цигари, автомобили, кафе, …) политичарите собрале 424 милиони ЕУР, каде што делот на горивата е околу 240 милиони ЕУР. Акцизата ја покачија за да ја надокнадат загубата поради намалената цена на нафтата, и поради намалената потрошувачка. Но, решението не е во зголемување на државните давачки, него баш таму е проблемот. А решението е во намалување на трошење на политичарите (буџетот).

И уште да се каже зошто горивата се поевтини во други земји, пример САД, Кина, … Бидејќи државните давачки се далеку помали, да се земе за пример САД. За бензинот државната давачка на федерално ниво изнесува околу 4 центи (2,23 денари) по литар, и има давачка зависно од државата. Кај тие што се повеќе про-социјалистички се секако поголеми, пример во Калифорнија е 13,5 центи (7,54 денари). А кај тие што се помалку про-социјалистички, пример во Тексас е 4,4 центи (2,46 денари). Собрано, за Калифорнија би било 9,77 денари, а за Тексас 4,69 денари, споредено со 33,6 денари во Македонија.

Јованчо Спироски

*Колумните се лични ставови на авторите и Macedonian Business Hub се оградува од ставовите во објавените колумни, а одговорноста за изнесеното во нив е исклучиво на авторот.

error: Content is protected !!