МБА: Одложување на отплатата на кредитите, само за тие што останале без работа или имаат високи трошоци за лекување

Банките ќе овозможат втор период на одложена отплата на кредитите само за клиентите кои имаат реална, неопходна потреба како на пример да останале без работа, имаат намалени месечни примања, високи трошоци за лекување и слично, соопштија од Македонската банкарска асоцијација (МБА).

– Вториот период на одложена отплата нема да ги опфати сите корисници на кредитни производи, туку оние коишто се соочуваат со реални потешкотии предизвикани од ковид-кризата, се наведува во денешното соопштение.

Детални информации ќе објави секоја банка на својата интернет-страница во најкус можен рок, а од датумот на објавата, клиентите ќе имаат рок до 10 дена да се изјаснат дали им е неопходен втор период на одложена отплата.

– Граѓаните се охрабруваат да пристапат до својата банка преку нејзината интернет-страница, или преку други канали за комуникација определени од банката, и да побараат да се вклучат во постапка за одложена отплата. Притоа ќе треба да ја информираат својата банка за причините за одложување на отплатата: намалени приходи, изгубено работно место и/или настанати потреби за лекување во изминатиот период, по што овие барања ќе бидат соодветно разгледувани и за истите ќе се донесе одлука, појаснуваат од МБА.

Граѓаните ќе имаат можност да користат до шест месеци продолжување на рокот на отплата на кредитите, а доколку сакаат при променети, подобри услови, ќе можат да побараат од банката да се вратат на редовна отплата и пред истекот на периодот од шест месеци.

Периодот на одложена отплата на кредитите завршува на 30 септември. Како што информираат од МБА, дел од клиентите одлучиле да се вратат во редовна отплата на кредитите, а сите други согласно Договорите за кредитните производи почнувајќи од октомври/ноември ќе продолжат со редовна отплата на обврските.

error: Content is protected !!