Рекорден буџетски дефицит од 8,4% односно 920 милиони евра!

Владата соопшти дека буџетскиот дефицит ќе изнесува 8,4 проценти од бруто-домашниот производ (БДП) односно 920 милиони евра.

Овој буџетски дефицит е најголем од осамостојувањето на Македонија. Досега, рекордот го држеше 2001 година, кога беше воениот конфликт, и кога имавме буџетски дефицит од 5,8 проценти од БДП.

Според најавите на Владата, приходната страна на Буџетот останува непроменета, а очекуваниот дефицит ќе се покрие со задолжување на домашниот пазар. Но, според податоците на Министерството за финансии, државата досега вратила многу мал дел од долговите што ги има кон домашните кредитори. Имено, заклучно со 31 август, вратени се само 10,4 отсто од доспеаните рати кон домашните кредитори. Главницата на домашниот долг што треба да се врати во 2021 година изнесува 248 милиони евра, а за 8 месеци се вратени само 25,7 милиони евра. Притоа, враќање на рати кон домашните кредитори имало само во март и во јуни, иако долговите доспеваат секој месец.

Министерството за финансии направи пресек со датум 17.9.2020 година за да се види колкав е износот на државните хартии од вредност со кои државата се задолжува на домашниот пазар. На тој датум, износот бил повеќе од 1,9 милијарди евра, односно толку пари должиме на домашните кредитори.

Со мајскиот ребаланс на Буџетот се планираше разлика меѓу приходната и расходната страна од 751 милиони евра, а со новиот ребаланс, таа ќе биде 920 милиони евра. Расходната страна се зголемува за околу 164 милиони евра, а парите ќе се потрошат за Четвртиот пакет на економски мерки.

Бесими информираше дека со ребалансот е проектиран економски раст од минус 4,4 проценти за 2020 година, дека приходната страна на Буџетот останува речиси иста – 3,19 милијарди евра, а дека расходите се зголемени за 4,2 проценти и изнесуваат 4,11 милијарди евра.

Во периодот јануари-септември 2020 година остварен е дефицит во Буџетот од 582 милиони евра или 5,3 отсто од БДП.

error: Content is protected !!