Еве колку компании во Македонија имаат странски сопственици и од кои држави доаѓаат
Вкупно 5.367 компании во земјава имаат најмалку еден странски сопственик, покажува анализата што ја направи „Таргет Груп“.
Фирмите со турски капитал се доминантни, а потоа следува капиталот на соседните земји, Бугарија, Србија и Грција. Најголем дел од компаниите со странски сопственик се сконцентрирани во Скопје, односно близу 70 отсто.
Најголем дел од странските компании што се отворени во земјава се со потекло од Турција. Турскиот капитал е присутен во една четвртина од компаниите кои имаат странски сопственик. Односно, 1.343 фирми во земјава имаат барем еден турски газда во своојата сопственичка структура.
Следна земја од каде има најмногу компании во земјава е Србија. Односно околу 11,5 отсто од вкупниот број на компании со странски капита во својата сопственичка структура имаат Србин. Или 615 фирми во земјава се со српски капитал.
Бугарските фирми, според тоа во колкав број се отворени во земјава се веднаш зад српските. Односно, 11,2 отсто од вкупниот број на странски фирми се со бугарски капитал, или тоа се вкупно 605 компании кои во својата сопственичка структура имаат најмалку еден бугарски државјанин.
Со капитал од соседна Грција во Македонија има 469 компании, односно во вкупниот број на компании со странски сопственик, грчкиот капитал има учество од 8,7 отсто. Со германски капитал во земјава се регистрирани, 306 компании што е 5,7 отсто од вкупниот број на странски компании во Македонија.
Следува компании од Италија и Косово кои во вкупниот број на компании со странски капитал во земјава имаат учество од 5,5 и 5,3 отсто. Со капитал од Албанија има 207 фирми во земјава што е 3,8% од компаниите со странски капитал кои се отворени во земјава.
