За само три месеци јавниот долг на Македонија се зголемил за 1 милијарда евра

За само три месеци во периодот од април до јуни јавниот долг на Македонија се зголемил за речиси 1 милијарда евра односно 9% од БДП, покажува најновиот извештај на Министерството за финансии.

Министерот за финансии Фатмир Бесими на презентацијата на ребалансот на буџетот кој е на матичната комисија за финансирање и буџет ги корегираше проекциите.

Па така од 59,5% од БДП колку што кажа пред една недела дека изнесува јавниот долг кога ребалансот помина на Влада, сега според Бесими тој се зголемил на 60,3% од БДП.

Нагорна корекција има и кај буџескиот дефицит, кој наместо 8,4% ќе изнесува 8,5% од БДП. Министерот рече дека корекциите се резултат на редовната ревизија на номиналните вредности на домашниот бруто-производ од страна на Државниот завод за статистика објавени на 5 октомври.

-Со ваквиот нов номинален износ на БДП дефицитот во Буџетот за оваа година наместо 8,4 отсто, ќе изнесува 8,5 отсто иако неговата апсолутна вредност останува иста. Исто е и со надворешниот долг, кој според номиналната вредност на БДП од 30 јуни годинава во однос на БДП беше 59,5 отсто, а сега со надолната корекцијата на номиналниот БДП иако долгот е со иста вредност од 6,527 милијарди евра, претставува 60,3 отсто од БДП, рече Бесими.

Според податоците од финансии, заклучно со јуни Македонија должи 6,527 милијарди евра или 60,3% од БДП. Заклучно со март пак долгот изнесувал речиси 5,556 милијарди или 51,4% од БДП.

За овој период најмногу пораснал надворешниот јавен долг или се искачил од 3,551 милијарда, на 4,400 милијарди евра, додека внатрешниот јавен долг од 2 милијарди евра се искачил на 2,126 милијарди евра.

error: Content is protected !!