Ирска и покрај пандемијата годинава ќе ја заврши со раст на БДП
Ирската економија оваа година ќе забележи раст од 3,4% и покрај пандемијата на коронавирусот, процени Институтот за економски и социјални истражувања (ЕСРИ).
Проценката е подобра благодарение на „значителното закрепнување”, потпирајќи се во голем дел на силниот извоз, соопшти независниот истражувачки институт.
Следната година економијата во Ирска, според нивните проценки, би требало да се зголеми за 4,9%.
– Позитивната стапка на раст на домашната економија оваа година е вистинско достигнување, но ирскиот пазар на труд веројатно уште некој период ќе бележи високи стапки на невработеност, изјави главниот автор на извештајот, Киран Квин.
Стапката на невработеност во Ирска се зголеми за 20% во четвртиот квартал, како одраз на намалената домашна потрошувачка поради затворањето на малопродажбата и услугите со цел да се спречи ширењето на Ковид-19.
Институтот проценува дека стапката на невработеност „веројатно” ќе остане над 10% до крајот на 2021 година.
Во февруари оваа година, пред да се затворат продавниците, рестораните и да се откажат другите услуги, таа изнесуваше 4,8%.
Очекувањата на институтот се засноваат на претпоставка за шестнеделно заклучување на почетокот на следната година и договорот меѓу Велика Британија и ЕУ за односите по Брегзит.
Доколку не се постигне договор, ирската економија ќе забележи раст само 1,5% во 2021 година, проценува институтот.
