Дали идејата е нечија сопственост?

Многупати при размислувањата за почнување со бизнис, кај претприемачите се јавува дилемата за заштита на сопствената бизнис- идеја: „Што ако некој ми ја украде идејата?!“

Во праксата многу често се поставува и прашањето: Кои се моите права доколку имам само идеја или концепт за почнување на нов бизнис и истата ја пренесам на друго лице, а тоа ја преземе како своја и ја реализира?

Одговорот на ова прашање би бил: Идејата не е авторско дело и не може да биде заштитена по ниту еден основ!

Зошто е тоа така? Затоа што никој не може да гарантира дека вашата идеја е оригинално ваша се додека истата не се материјализира. Можеби вашата „оригинална идеја“ случајно дошла од некој неврзан разговор со пријател, сте ја виделе/прочитале некаде на интернет, или пак сте ја наслушнале од некој кој веќе се подготвува да ја реализира во форма на сопствен бизнис. Се додека бизнис-идејата не се материјализира во која било форма, односно во случајот преку бизнис-план или Canvas-модел, и да се стави на материјална подлога (хартија, USB, било каква материјална или дигитална подлога), неговиот автор не ужива авторско-правна заштита.

Но, затоа не мора да се плашите од повреда на авторските права доколку бизнис идејата ја преточите во бизнис-план. Изработката на бизнис-планот укажува на вашите лични погледи и начини на размислување во контекст на реализација на вашата бизнис-идеја. Тоа е ваш интелектуален труд, ваше авторско дело, и кога веќе е материјализирано – никој нема да може да го изведе подобро од вас самите.

Затоа, доколку имате било какви дилеми околу заштитата на вашата нова идеја за бизнис, запомнете: бизнис – идејата не може да биде формално правно заштитена, но затоа бизнис-планот може.

Како? Преку законите за авторство или ‘Copyright (©)’. Да одиме со ред…

За авторско дело се смета секоја индивидуална и интелектуална творба од областа на книжевното, уметничкото или друг тип творештво, независно од видот, начинот и формата на изразување. Ова значи дека секаков вид творештво кое во себе го содржи индивидуалното гледиште на авторот, без разлика во каква форма е изразено – е авторско дело.

Аналогно на ова, секаков вид книжевно дело, натпис, статија, прирачник, брошура, научен труд, па дури и проект или бизнис-план претставува авторско дело.

Многу важен сегмент што се однесува на авторството, а за кој многумина творци (автори) на бизнис-планови и не се толку упатени, е фактот што вашиот (постоечки или иден) бизнис-план претставува авторско дело, а авторот на тоа дело ужива авторско-правна заштита уште од моментот на неговото настанување, без разлика дали е објавен или не.

Што значи тоа? Тоа значи дека од моментот на настанувањето – завршувањето на вашиот бизнис-план, без дополнителна пријава или регистрација на делото кајнадлежен државен орган, вие како автор на тоа дело кое е производ на вашиот интелектуален труд уживате право на правна заштита однапред предвидена со Законот.

Кои се тие права? Авторството подразбира две категории права: морални и материјални.

Моралните права на авторот му даваат право да одлучи дали, кога и како ќе биде прв пат објавено неговото дело, дали при објавувањето на делото ќе се наведе неговото авторство, да бара (или не бара) при секое користење на делото да биде наведено неговото име, псевдоним или друга ознака, да одлучи за зачувување на целината на делото и да се спротивстави на секакво искривоколчување (деформирање) или измена на неговото дело, односно да се спротивстави на секое користење на делото од страна на друго лице што може да му наштети на неговата личност, чест и углед.

Од друга страна, пак, вие како автор, не можете да ги пренесете моралните права на други лица. Моралните права не се пренесуваат со договор, како што е тоа случај со материјалните права. Исклучок постои само во случај на смрт на авторот, кога моралните права на неговото дело што тој ги уживал за време на живот се пренесуваат на неговите наследници.

Со материјалните права се штитат имотните интереси на авторот. Тоа е исклучиво монополско право за го користење и располагање со употребната вредност на вашето авторско дело, и од тоа да остварите економска добивка, но најдоцна до истекот на предвидениот рок за заштита на вашето право.

Тоа значи дека комерцијалното искористување на авторското дело од страна на друго лице е дозволено, исклучиво кога авторот на делото го пренел своето материјалното авторско право на друго физичко или правно лице, согласно со условите што тие однапред ги договориле, или пак до тоа дошло по сила на Законот.

Доколку се одлучите својот бизнис-план да го предадете на користење на друго физичко или правно лице, организација или компанија – вие со тоа ги пренесувате вашите материјални, но не и морални авторски права.

Во тој случај, вие како автор на делото имате исклучиво (монополско) материјално право на оној на кој сте му ги пренеле материјалните права, да му дозволите или забраните користење на вашето дело за: издавање, репродукција, дистрибуција (вклучувајќи и изнајмување и позајмување), јавно изложување, јавно соопштување и негово преработување, согласно условите предвидени со Законот.

Често пати, авторското дело се создава во соработка на две или повеќе лица – коавтори. Во зависност од видот на делото, уделот на одделните коавтори е определен со вистинскиот придонес што секој од нив го дал во создавањето на авторското дело, или пак за негово користење заеднички одлучуваат сите негови коавтори.

Ако сеуште се плашите некој да не ви ја украде идејата, сетете се дека сите ресторани, берберски салони, продавници и многу други бизниси започнале со обична, иста или сосема слична идеја. Како ќе ја реализирате таа идеја – тоа е оригиналноста и умешноста во бизисот!

„На светот не постои ништо помоќно, од идеја чие што време е дојдено“ –  Виктор Иго

Ѓорѓи Рафајловски
Оперативен директор на SEEUTechPark, првиот технолошки парк во Македонија.

*Колумните се лични ставови на авторите и Macedonian Business Hub се оградува од ставовите во објавените колумни, а одговорноста за изнесеното во нив е исклучиво на авторот.

error: Content is protected !!