Највисоката годишна бруто-плата во 2019 година во Македонија e скоро 2 милиони евра!

Највисоката годишна бруто-плата во 2019 година исплатена е на граѓанин од Струга. Платата е остварена во индустријата со метали и изнесува 114.854.796,00 денари (1,86 милиони евра).

На листата на највисоко рангирани бруто-плати се најдоа и платите исплатени во секторот здравство, аптеки, образование, комбинирани канцелариски и административни услужни дејности и производство на горна облека, соопшти на денешната прес-конференција, директорката на Управата за јавни приходи Сања Лукаревска.

Највисокото лично примање по друг основ, како што рече таа, изнесува 48.511.454,00 денари на годишно ниво за повремено или привремено извршени услуги кон градежна компанија.
– Највисоката капитална добивка 88.352.113 денари остварена е од граѓанин на Скопје од продажба на сопственички удел од странска компанија, додека највисоката исплатена дивиденда е во износ од 210.411.765,00 денари и исплатена е на граѓанин на Битола кој е сопственик на бизнис кој припаѓа на дејностите во градежништвото – изјави Лукаревска.

Скопјани доминираат на листата со доход од самостојното вршење на дејност, од кој највисокиот изнесува 44.065.522,00 денари. Во десетте топ рангирани на листата се наоѓаат адвокати, нотари, извршители и угостители.

Граѓанин од Скопско остварил доход од продажба на сопствени земјоделски производи во износ од 32.345.815,00 денари, а гевгеличанец остварил 11.694.817 денари доход по овој основ. Во 2019 година прворангираниот според вкупно остварен бруто-доход од закуп и подзакуп на имот (издавање земјиште, станови и деловни простории, превозни средства и друг вид имот) е обврзник од Тетово, кој пријавил 84.039.667 милиони денари.

Прворангиран според остварен вкупно бруто-доход од авторски права и други стварни права е обврзник од Скопје, со 22.612.966 денари, додека кумановец остварил бруто-доход од 4.161.850 денари од права од индустриска сопственост. Највисоката добивка од лото, обложување, казино и учество во наградни игри, односно пријавен вкупен бруто-доход од игри на среќа е жителка на Скопје кој само по овој основ остварила 29.293.930,00 денари.

Прворангираниот пензионер е од Штип чија бруто-пензија изнесува 8.064.865,00 денари. Прворангираниот осигуреник по основ на уплатени премии и исплатена осигурена сума остварил доход од 7.835.927 денари.

Во категорија друг доход вклучува доход од различни извори како што е доходот кој не е конкретно опишан во Законот за данокот на личен доход и не е изземен од оданочување, доходот остварен од продажба на корисен цврст отпад, доходот остварен со електронска трговија преку интернет, доходот од маркетиншки интернет-услуги, износот на неискористената финансиска помош, износот на неискористените донирани финансиски, како и кусоци кои не се предизвикани од вонредни настани (кражба, пожар или други природни непогоди), кои не се на трошок на платата на одговорното лице.

Во оваа категорија прворангираниот е од Скопје со износ 167.595.958,00 денари и овој доход претставува кусок кој не е предизвикан од вонредни настани и кој не е на трошок на платата на одговорното лице

Второрангиран е граѓанин од Тетово кој доброволно го пријавил својот доход во износ од 138.938.218,00 денари кој е исплатен од компании кои работат со мрежни социјални и видеоплатформи. Највозрасното лице кое остварило над еден милион денари приход било на возраст од 101 година, додека во групата над 10.000.000 милиони денари највозрасниот има 86 години. Лице кое се родило во 2013 година е најмладиот милионер во 2019 година и истото остварило доход од закупнина над 1.000.000 денари.

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *

error: Content is protected !!