Заев: Имаме едни од најдобрите економски резултати во Европа

Економијата се движи. И во 2020 година, кога во целиот свет има пандемија, ние имаме едни од најдобрите резултати на европскиот континент, рече премиерот Зоран Заев на седницата за пратенички прашања во парламентот одговарајќи за економската состојба во државата и за реализацијата на капиталните инвестиции во земјата.

-Платата расте за време на пандемијата. Во овие години наназад 60 проценти е зголемена минималната плата. 30 проценти е зголемена просечната плата, сега е 27 илјади денари. 300 проценти социјално се помогнати граѓаните. 99 проценти буџетот ги наплати приходите, што само по себе е доказ колку економијата живее во државата благодарение на мерките, на транспарентноста, на помошта што ја дадовме. Тоа е патот по кој треба да продолжи државата, порача премиерот Заев.

Заев посочи дека само во источниот Кумановско-кривопаланечки Регион, 180 милиони евра буџетски пари се инвестираат во патишта и железници, како и дека со 70 милиони евра се финансирани локални патишта во општините, откако беа оставени со 300 милиони евра долгови од претходната власт, кои се раздолжени и е продолжено да им се помага.

Во делот на енергетиката премиерот Заев рече дека првпат има заинтересирано 10 големи компании за хидроцентралите „Чебрен“ и „Галиште“.

error: Content is protected !!