Ќе го патентираме софтверот!

Многумина од македонските претприемачи и софтверски стартапи, сакаат да го заштитат својот софтвер со тоа што ќе го патентираат. Прашањето кое следи е: дали може софтверот да биде патентиран?

„Да“ и „Не“. Бидејќи одговорот е малку покомплексен, предлагам да одиме со ред… Најпрвин да објасниме што е тоа патент?

Патент е исклучиво (ексклузивно) право со кое се признава заштита на пронајдок. Тој му овозможува на носителот уникатно право да ги спречува другите комерцијално да го користат неговиот пронајдок, за одреден ограничен временски период, во замена за откривање на истиот пред пошироката јавност.

Економската теорија која стои зад овој систем вели дека, финансиската награда која што произлегува од патентирањето ја поттикнува иновативноста и го зголемува техничкото ниво на одредена национална индустрија, со зголемување на користа при нејзината трговија. И патентите, во главно, може да се добијат за која било област на индустријата и технологијата.

За нешто да биде патинтабилно, треба да ги исполнува следниве критериуми: 1) да е во рамките на доменот на патенти, 2) да биде пронајдок, 3) да биде ново, 4) да има инвентивен напредок, и 5) да има соодветна ндустриска примена.

Пронајдокот во основа мора да ги исполни овие предходно наведени услови за да се смета за патент. Проблемот може да биде стар или нов, но решението – за да може да се смета за пронајдок, мора да биде ново. Пронаоѓањето на нешто што веќе постои во природата, што може сите да го откријат не е пронајдок. Во сето тоа мора да има човечка интервенција.

Значи, мора да биде во рамките на предметот на патентите, мора да биде нов – што значи да вклучи нови карактеристики кои што се непознати во корпусот на постоечки знаења на техниката во соодветната област. Овој корпус на постоечки знаења се нарекува и „состојба на техниката“. Пронајдокот мора да вклучува иновативен исчекор, до кој што не може да дојде лице со просечно знаење во техничката област. Конечно, пронајдокот мора да биде и соодветен за индустриска применливост.

Но не сите пронајдоци се патентабилни. Има области кои генерално не подлежат на заштита како на пример научни теории или математички методи, растенија и животни, пронајдоци спротивни на јавниот ред, морал, или јавното здравје.

Патентното право се признава за ограничен временски период – вообичаено 20 години од датумот на поднесувањето на пријавата, секако под услов носителот на патентот уредно да ги плаќа годишните такси за одржување, и тој е важечки само во земјата/ите каде сте побарале заштитата.

Сега, да се навратиме на патентирањето на софтвер.

Во многу земји пронајдокот се опишува како решение на технички проблем. Токму ова е и пречката за патентирањето на софтвер во ЕУ.

Според Европската Патентна Конвенција (EPC), софтверот како таков е исклучен од можноста за патентирање – односно сам по себе е непатинтабиленСепак, Членот 52 дозволува т.н. „пронајдоци поврзани со комјутер“ да имаат можност да бидат патентирани. Оваа поширока дефиниција остава простор за патентирање на пронајдоци кои инволвираат употреба на компјутер, комјутерски мрежи или други програмски апарати, и кои имаат една или повеќе функционалности реализирани со помош на комјутерска програма.

Ова значи дека може да поднесете барање за патент само ако предмет на пронајдокот е машина – апарат, која е оперирана или контролирана од софтвер, а поврзаниот уред има технички каракер, односно прави очигледен “технички придонес” или решава “технички проблем”.

Компјутерските имплементирани пронајдоци кои што само решаваат бизнис-проблем со користење на компјутер, а не и технички проблем, се сметаат за непатентирачки поради недостаток на инвентивен придонес.

Од другата страна на барата пак, во САД, тамошните закони дозволуваат патентирање на софтвер сам по себе. Тамошниот Член 101 кој што ја дефнира материјата која може да биде патентибилна е доста широк, па предвидува „секој нов или корисен процес, машина, производ или композиција од метријали, или било кое нивно подобрување“ генерално да може да биде патентибилно. Ова значи дека софтвер, сам по себе, преставен како еден вид на бизнис-процес, може да биде патентиран. Сепак, постојат исклучоци кои доаѓаат во форма на апстрактни поими или идеи, природни појави или природни закони. Нагласокот во САД за разлика од ЕУ се става на т.н. ‘практична примена’ на софтверот, што често може да биде лесно воочлива. Од дуга страна пак, подобрувањата при функионирањето на компјутери, на одредена технологија или пак на елементи кои се неочигледни, нерутински или неконвенционални во одредена област, може да бидат патентирани – што не е случај во ЕУ.

Последната експанзија на интернетот и е-трговијата доведе до тоа многу пронајдоци во САД масовно да се патентираат, и да се доделуваат патенти за бизнис-методи имплементирани низ различни софтверски решенија.

Значи, софтверот – само по себе во земјите од ЕУ не може да биде предмет на патентна заштита, доколку не е дел од поголем апарат, кој решава некој технички проблем. Во САД пак, софтверот може да биде заштитен – сам по себе, дури и ако тој е само преставен како нов или подобрен бизнис- процес.

Ако твојот стартап планира да продава на американскиот пазар, слободно разгледај ги опциите за заштита на софтверот преку патентирање. Но ако планираш да го продаваш истиот низ Европа, пробај да го заштитиш правајќи комбинација од авторство, договори, лиценци или други права од интелектуалната сопственост.

Во 1955 г. Jonas Salk ја пронаоѓа Полио-вакцината. Одбива да ја патентира. Се верува дека само овој патент би му донел богатство проценето околу 7 милијарди долари! Кога го прашале зошто не патентира, неговиот одговор бил: „Вакцијата им припаѓа на сите. Не можеш да го патентираш сонцето.

Ѓорѓи Рафајловски
Оперативен директор на SEEUTechPark, првиот технолошки парк во Македонија.

*Колумните се лични ставови на авторите и Macedonian Business Hub се оградува од ставовите во објавените колумни, а одговорноста за изнесеното во нив е исклучиво на авторот.

error: Content is protected !!