Излезе законот за платежни услуги: Што е тоа и зошто е битно?

Ова е закон со Европско знаменце. Значи подразбира усогласување со одредена ЕУ регулатива. Во случајов, со PSD2 регулативата односно концептот на отворено банкарство.

ШТО ПОДРАЗБИРА PSD2

Иновација во доменот на платежни услуги. Подразбира банките да ги отворат своите бази на податоци за трети провајдери на услуги (third party service providers).

Oвој закон предвидува можност за пружање на два типа на услуги:

AIS – Account Information Services. Можноста да пристапиш до твојата сметка и салдо преку алтернативен добавувач, не само преку банка. Пример за AIS услуга – кредитно рангирање (credit scoring).

PIS – Payment Initiation Services. Можноста не само да пристапиш до твојата сметка туку и да реализираш плаќања. Пример за PIS услуга – дигитални плаќања.

КОИ СЕ ПРАКТИЧНИТЕ ПРИДОБИВКИ ОД ОВОЈ ЗАКОН?

Овој закон е клучен за развој на т.н. финтек сектор кај нас (една од моите омилени индустрии која блиску ја пратам). Што се случува сега? Во отсуство на third party providers, ограничен си на милост и немилост на работата на банките. Од девет-саатот отварале. Од четири-саатот затварале. Им поминало времето за клиринг така да мора да чекаш до утре да ти го реализираат плаќањето.

А замисли да имаш 24 часовен пристап до финансиски услуги?
Уште поголема срамота – немаме опција за претплатнички бизнис модели (subscriptions). Ете на пример сакам да лансирам своја претплатничка услуга, сум решил да отворам порно вебсајт. Ко што е сега ситуацијата, ќе мораш секој месец да одиш да пополнуваш вирмани за да ми платиш месечна претплата.

А вака, ова регулатива овозможува рамка за нов вид на стартапи финтек стартапи што би понудиле AIS и PIS тип на услуги. Би ја олесниле фрикцијата во плаќањата. А со тоа се отвара простор за нови бизниси, нови форми на заработки, нови бизнис модели.
.
.
.
.
…… ѕеее……. Ме пратиш досега, така?
.
.
.
.
ШТО СЕ СЛУЧУВАШЕ КАЈ НАС НА ОВА ПОЛЕ?

Не многу. И бавно. Законот за платежни услуги е во процес од 2017 година, баба уште имаше заби тогаш. Лани ова време излезе нацрт закон и повик за коментари. Минатиот петок излезе финална нацрт-верзија.

ШТО НОВОСТИ ЌЕ ДОНЕСЕ ОВОЈ ЗАКОН?

На пример ќе можеш да станеш провајдер на платежни услуги. Основачкиот капитал за ваков вид на бизнис ќе биде само 20,000 евра. Не е лошо. Бариерите се снижени.

Но тука се и проблемите.

– Законот е прешироко дефиниран. Опфаќа премногу други полиња на compliance. Има десетици други подточки што треба да се исполнат, од финансискиот до сајбер-безбедност делот.

– На банките нема да им биде мило. Ќе мора да ги отворат своите датабази. Ова ќе ги стави во подредена позиција како обични чувари на податоци. Ќе мора да пуштат APIs. Toa ќе ги чини ресурси и техничка работа.

– Критична маса. Дигиталните плаќања сеуште се во рана фаза кај нас. Младите луѓе, оние што кај и да е ќе го имаат првиот секс, раните прифаќачи, се во се помала бројка кај нас.

Мобилните пари имаа шанса уште во 2012 година да запалат, но не се случи тоа. Што се мобилни пари? На пример форма на пари каде транферот се врши преку мобилен оператор. Овој концепт растури во Индија. Тамошниот оператор Airtel има улога и на експозитура – одиш кај едно продавниче, им даваш кеш пара, и после му кажуваш на роднината ехее чак дури во некое забутано село во Јужна Индија дека си му пратил пари, и типот може слободно да оди до најблиското продавниче каде ставаат креди на Airtel и да си го подигне трансферот. Airtel има пенетрација каде за традиционалните банки е преризично и неекономично да отворат.

Сума сумарум – добар закон, навистина потребен кај нас.
Отвара простор за стартап иновација и бизнис раст. Но сепак е доста комплициран. Требаше да биде поедноставен. А пак предизвиците околу неговата имплементација и колку нашето општество е спремно е друго прашање.

ШТО МОЖЕШ ДА НАПРАВИШ ТИ?

Законот стапува во дејство во Јануари 2022 година. Дај боже да е така.
Моментално е објавен на ЕНЕР порталот, за коментари од јавноста. Па после се враќа во Влада. Па го ставаат на Владина седница. Па го преведуваат на Албански. Па повторно бараат мислење од правници. Па на крај ако до тогаш не нé удри метеор, го пуштаат на гласање во парламент.

Да не дадеме овој процес да се одолговлечи. Стани и земи телефонот. Јави му се или пиши му на некој пратеник со кој имаш контакт. Оној што ти се линдареше дома ко беа изборите а сега не те познава од кај си. Или со контакт во Министерство за Економија. Јас веќе на тројца им пишав. Посочи им дека ова е важен закон, преважен за иднината на нашата економија. Буцни го малку.

Да се зборува повеќе за него низ Влада, па после тоа низ парламент. Запознај го твојот пратеник со одликите на овој закон, со тоа зошто е важен, уште пред да стаса до парламент.

Блаже Аризанов

Автор на книгата Белиот трофеј и ко-основач во индискиот милионски стартап Stay Uncle.

*Колумните се лични ставови на авторите и Macedonian Business Hub се оградува од ставовите во објавените колумни, а одговорноста за изнесеното во нив е исклучиво на авторот.

error: Content is protected !!