Трипати повисок данок за празен стан од наредната година – помина првото читање во Собранието

Од наредната година граѓаните кои имаат вишок стан треба да почнат да бараат кираџии, зашто ако им остане празен за него ќе плаќаат три пати повисок данок.

Измените на Законот за даноци на имот го поминаа првото читање во Собранието, па на утрешната седница се очекува во второ читање да добијат виза од матичната Комисија за финансирање и буџет.

Ако се донесат овие предложени измени, трипати повисок данок ќе плаќаат не само граѓаните за невселените станови, туку и државата и фирмите за недвижнините кои не им се функција, како и сопствениците на земјоделско земјиште што стои необработено. Според предлогот за измените, трипати повисок данок на имот ќе се пресметува ако недвижнината не се користи шест месеци во годината. Според актуелниот закон за станот во кој не живее сопственикот се плаќа два пати повисок данок од редовниот што го утврдува општината, но вакви пенали нема за државата, ниту за компаниите. За сопствениците на необработено земјоделско земјиште, пак, има олеснување, зашто петкратното зголемување на стапката на данок сега се заменува со трикратно.

error: Content is protected !!