5 причини зошто инвеститорите ја обожаваат интелектуалната сопственост

Интелектуалната сопственост е можeби највредното нешто што твојот бизнис било кога ќе го поседува. Денес, над 80% од сите средства на бизнисите на глобално ниво – доаѓаат од т.н. нематеријални, или неопипливи средства. Тоа се сите оние работи кои не можеме да ги видиме, допреме или пак да ги почувствуваме.

Кога зборуваме за финансиското помагање на стартап бизниси, типичните инвеститори сакаат да веруваат дека инвестираат во нешто сосема ново, единствено и уникатно. Ова посебно важи за стартапите во тек-индустријата или оние кои развиваат иновативни продукти.

Од инвеститорска перспектива, она што е прилично тешко за било кој инвеститор, е вреднувањето на еден стартап или млад почетен бизнис. Тешко е затоа што има многу непознати: кратко искуство, најчесто без метрики или продажба, без јасни финансиски показатели, па дури и нејасен пазар или идеален купувач. Од тој аспект, секоја потврда дека бизнисот поседува: трговска марка, дизајн, патент или авторско дело – за инвеститорот преставува јасен сигнал дека одредени активности се доволно уникатни за да можат да донесат деловен успех.

Оттука, поседувањето на било кој тип на Интелектуална Сопственост, за инвеститорите е силен сигнал дека бизнисот поседува моќни правни, но и финансиски алатки

Ако си „стратапџија“, еве кои се ставовите на инвеститорите за твојата ИС:

  • Интелектуалната сопственост теоретски – има неограничена вредност. Размислете вака, се што поседувате во бизнисот, со текот на годините се амортизира – односно постепено ја намалува својата вредност. Но не и ИС. Таа е единственото средство кое, што повеќе го употребувате станува се повредно! Дури и ISO стандардот 10668:2010 признава дека, регистрираните трговски марки не само што ја штитат вредноста на брендот, туку и континуирано придонесуваат за негово зголемување
  • ИС е одлична маркетинг алатка и помага во продажбата. Во многу случаи регистрираната марка или индустриски дизајн, во очите на клиентите значат сигурност, доверба и одреден квалитет. Самата постапка за патентирање исто така значи дека дадениот пронајдок е оригинален и иновативен, и тоа секако носи екстра поени кај вашите добавувачи или потенцијални партнери – а инвеститорите многу добро знаат да го „намирисаат“ ова и соодветно да го искористат
  • Оперативните трошоци драстично ќе се намалуваат. Ако имаш заштитено одредени елементи од ИС, тогаш е многу веројатно твојот стартап да има „чист пат“ да скалира експоненцијално брзо. Ова значи дека најверојатно ќе нема некои посериозни пречки доколку бизнисот се прошири интернационално, и дека правејќи пари – нема да повредиш нечие туѓо право. Затоа, на твојот инвеститор му е важно да резмислуваш за ИС што е можно порано, но и да превземеш конкретни чекори за нејзина комерцијализација.
  • ИС многу лесно се трансферира. Твојот бизнис може да одлучи да: лиценцира, франшизира, да ја даде без надомест или пак, целосно да ја продаде сета ИС. Во пракса ова значи дека со многу малку труд, бизнисот може да има лесен и дополнителен приход, било да е тоа тантиема (royalty) од некоја услуга, или договор за партнерство и освојување на нов странски пазар. Дури, во одредени случаи може да биде искористена и како залог за добиввање на кредит! Во најлош случај, и бизнисот да пропадне – инвеститорот знае дека барем со оттуѓување на ИС – нема да биде во минус.
  • Твојот предлог за инвестирање го прави попривлечен, инвестабилен. Инвеститорите сакаат да веруваат дека и ти веруваш во твојот стратап, и тоа по обратниот редослед – најпривин ти, па тие, па потоа сите други! Во случај твоите продукти и услуги да се нови, иновативни и уникатни, тогаш треба да размислуваш да ги заштитиш. Така на твојот инвеститор ќе му ја олесниш работата, а истовремено ќе му ја заштитиш инвестицијата, овозможувајќи му повеќе пари да посвети на суштинки раст и развој.

Инвеститорот Брајан Коен, кој е дел од Њујоршките Бизнис Ангели, и автор на делото: „Што секој ангел-инвеститор сака да знаеш“ најдобро ги сумира впечатоците за тоа како размислуваат инвеститорите во поглед на ИС.

Тој вели дека во суштина, секој стартап кој умее да ги препознае, заштити и успешно менаџира елементите на својата ИС добива 3 екстра поени: а) компаративна предност пред другите, б) зголемена вредност (валуација) на бизнисот, и в) зголемена перцепција за профит или продажба.

Дали одреден стартап ќе успее или не, тоа никој не може да го знае. Но, твоја работа како претприемач е себе си, и на инвеститорите да си/им ги обезбедиш сите можни алатки за максимален иден успех.

Ѓорѓи Рафајловски

Оперативен директор на SEEUTechPark, првиот технолошки парк во Македонија.

*Колумните се лични ставови на авторите и Macedonian Business Hub се оградува од ставовите во објавените колумни, а одговорноста за изнесеното во нив е исклучиво на авторот.

error: Content is protected !!