Стопанската коморa: Законот за недела неработен ден ќе предизвика отпуштања

Законот за недела неработен ден ќе предизвика отпуштања и неизвесност во реализацијата на капиталните проекти, предупредува стопанството.

Отпуштања до 30 проценти, неизвесна реализација на капиталните проекти, застој во производството, повисоки трошоци, намалена продуктивност и несигурен поврат на инвестициите, ќе предизвика законското решение за недела неработен ден кое помина на Влада без да бидат земени предвид забелешките и предлозите на бизнис заедницата, реагира денеска Стопанската комора на Македонија.

Комората апелира Собранието да го преиспита ваквото решение и воедно бара, со Законот за работни односи да нема ограничувања, туку да се дозволи секоја дејност сама да одлучи дали ќе работи во недела.

Претставници на градежниците, обложувалниците и прехранбената индустрија денеска на прес-конференција потенцираа дека неработењето во недела не значи придобивка за работниците како што некој сака да прикаже, туку е прашање кое ги засега сите, и раководители и инженери и техничари и директори, поради што мора соодветно да се реши.

-Законското решение, како што е сега конципирано и кое веќе помина на Влада, ќе предизвика сериозни негативни последици, социјални и економски. Проектите во градежништвото се врзани со рокови, а иницираната мерка ќе се одрази негативно не само врз нивната реализација, туку и врз исполнувањето на тие рокови, вклучувајќи ги тука и капиталните проекти од интерес за државата. Работата во градежништвото е теренска и на отворено, а кај инфраструктурните проекти подразбира и транспорт и патување на работниците, па доколку недела биде неработен ден, тоа сериозно би се одразило врз континуитетот на изведбата. Постои ризик и наместо посакуваната цел, да се предизвикаат спротивни ефекти кои нема да бидат од интерес ниту на компаниите како работодавачи, ниту на работниците, рече претседателот на Здружението на градежништвото, Андреа Серафимовски.

Според него, работниците ќе се соочат со зголемен обем на работа во текот на работните денови, а ќе им биде одземено правото да заработат повеќе со оглед дека дневниците во недела се повисоки од останатите работни денови. Од друга страна, компаниите ќе се соочат со поголеми транспортни трошоци и негативни последици од финансиски и од организациски карактер

Против ваквото решение се и компаниите од прехранбената индустрија кои нагласуваат дека нивниот производен процес не смее да има прекин, како и спортските обложувалници кои предупредуваат дека неработната недела за нив ќе значи отпуштање на 30 отсто од вработените и намелени приходи во буџетот.

Од прехранбената индустрија посебно на удар од законското решние за неработење во недела ќе бидат млечната индустрија и производство на пиво и безалкохолни пијалаци.

-Млекото кое што се измолзува во сабота, се складира на фарма или откупен пункт и се разладува. Во недела наутро се транспортира во млекарниците, се врши прием и се пристапува кон примарна преработка – филтрација, додатно ладење. Поради запазување на квалитетот на хемискиот и микробиолошкиот состав на суровото млеко, по приемот треба термички да се преработи – пастеризира. Зависно од големината на млекарницата, за овој процес се потребни еден до двајца оператери, односно бројот на вработени кои треба да се дежурни во недела е еден до двајца. Доколку овие активности не се преземат во недела, тогаш измолзеното млеко од сабота нема да се откупува, а измолзеното млеко од недела ќе се превезе во понеделник и ќе се преработува во вторник. На ваков начин се губи еден ден производство, односно при ваков случај се намалува производниот капацитет на фабриката со огромни економски штети, а потребата од работна сила ќе биде намалена за една седмина. Сето ова се надоврзува на веќе изгубениот еден ден за продажба, поради неработењето на малопродажните објекти во недела, објасни Васко Ристовски од Комората.

Во делот на кондиторијата, пак, предочи, производството во одредени компании, посебно во големите и извозно ориентираните, е континуирано, во текот на целата недела и е организирано во четири бригади од кои секоја работи во смени.

-Процесот трае цела работна недела за да се запазат нарачките за извоз, а од друга страна работниците имаат по два слободни дена по претходно одработените три смени. Доколку Владата не ја прифати забелешката од кондиторската индустрија, компаниите ќе бидат принудени да отпуштат 25 отсто од вработените, истакна Ристовски.

Во однос на пивото и безалохолните пијалоци, Ристовски дополни дека за да почне производството во понеделник, потребна е претходна подготовка која трае најмалку 24 часа. Оттука, прекинот на работата во недела би значело дополнително изгубен работен ден понеделник.

Од обложувалниците се децидни дека ако се донесе законското решение, нивното работење ќе се загрози со оглед дека преку 70 отсто од прометот се реализира во недела.

-Работата на спортските обложувалници директно зависи од понудата на спортски натпревари. Најголем дел од натпреварите се играат за време на викендите, односно во недела. Треба да се спомне и дека играчите ги посетуваат спортските обложувалници во слободно време, најмногу во текот на викендите и недела, а не додека се на работа, рече Васко Илиевски од Групацијата.

Вработените во обложувалниците, додаде Илиевски, работат 40 часа неделно, имаат слободен ден, платени им се сите прекувремени работни часови, ноќна работа и работа за празници, согласно законски пропишаното.

-Со своето работење индустријата на игри на среќа придонесува со една четвртина милијарди евра во буџетот на државата. На годишно ниво, во државниот и локалните буџети од индустријата на игри на среќа се слеваат повеќе од 250 милиони евра, по основ на директни приходи и индиректните приходи од ДДВ, локални такси, придонеси и даноци за плати, закуп на деловен простор. За плати за своите вработени, компаниите приредувачи на игри на среќа издвојуваат над 30 милиони евра. Сите директно вработени во целата индустрија на игрите на среќа, кои ги има повеќе од 8.000, одржуваат уште седум работни места во други стопански гранки, односно индустријата на игри на среќа поддржува над 54.000 работни места. Индустријата воглавно вработува студенти и дипломци кои претставуваат околку 15 отсто од вкупниот број на вработени, а расте и трендот на вработување на млади информатичари, математичари, програмери и електроинженери, за кои компаниите кои работат во оваа гранка континуирано имаат отоврено огласи за работа, подвлече Илиевски.

error: Content is protected !!