НБРМ:Не е исклучена можноста и Македонија да има свој дигитален денар

Легализацијата на трговијата со криптовалути ќе биде од бенефит и за граѓаните и за правниот промет кон странство, соопшти ВМРО-ДПМНЕ, информирајќи дека законското решение е веќе изготвено ќе биде поднесено во Собранието.

Од Народната банка велат дека неколку земји во светот имаат издадено дигитална валута од страна на централна банка. Но, тоа е сосема друга работа од биткоин, етериум, оне-коин и други средства за кои со сигурност не се знае ни издавачот и кои, како што вели гувернерката Анита Ангеловска – Бежоска, воопшто не се валути.

– Народната банка нема надлежност да го регулира создавањето, поседувањето или тргувањето со крипто-средствата од страна на домашните економски агенти. Таа нема никаква надзорна улога во врска со крипто-средствата, независно дали станува збор за нивно стекнување преку процес на т.н. „рударење“ (англ. mining) или за вложување во нив, појаснуваат од Народната банка.

Оттаму велат и дека Народната банка тековно нема активности за издавање сопствена дигитална валута (дигитален денар). Но, како што објасни Ангеловска- Бежоска, Народната банка постојано го следи овој процес во светот, што значи дека не е исклучена можноста и Македонија да има свој дигитален денар.

error: Content is protected !!