Врaботен, консултант или газда – чија е интелектуалната сопственост?

Ако сте надворешен дописник на компанија која издава весник, чие е авторството на текстовите? Ако сте вработен во фабрика за лекови и измислите нова вакцина за некоја болест – чии се патентните права? Доколку со колегите од сметководствена компанија направите нов софтвер за сметководство – на кому ќе припадне софтверот?

„Ако јас плаќам за тоа – тогаш е мое!“ е најчестата претпоставка на претприемачите кои се потпираат на своите вработени или консултанти за да развијат сопствени интелектуални добра. Во практика се поставува прашањето: кој е носител на правата врз дело кое го создало вработен или консултант – индивидуалниот творец или компанијата која го вработува?

Бидејќи нема еден и вистински одговор, да одиме со ред.

Обично, ова ќе зависи од земјата каде што водите бизнис! Бидејќи секое национално законодавство има посебни уредби за уредување на ИС, во многу земји работодавачот е носител на правата од пронајдок направени од страна на неговиот или нејзиниот вработен, но само ако делото е поврзано со дејноста на работодавачот, и освен ако не е поинаку определено во договорот за вработување. Во други земји пак, правата на ИС на пронајдоци во принцип, му припаѓаат на вработениот, односно пронаоѓачот, освен ако однапред поинаку не е договорено.

Некаде, вработениот-пронаоѓач го има правото на фер и разумен надомест или надомест за неговиот / нејзиниот пронајдок, само доколку работодавачот е волен да ги превземе правата за пронајдокот. Други законодавства пак, не обезбедуваат никакви конкретни плаќања за работникот, односно се обезбедува само минимален надомест или компензација во исклучителни случаи.

За да работите станат појасни, ќе навлеземе малку подетално: правата кои произлегуваат од ИС се делат на морални права и материјални права.

Во принцип, моралните права се изворно индивидуални, лични. Тие не се пренесуваат на друго физичко или правно лице, и најчесто вклучуваат признавање на делото, право на чест и углед, право на објавување, откажување или повлекување.

Од друга страна пак, материјалните права се имотни, и тие често се трансферабилни – може да се пренесуваат. Вакви права најчесто се правото на издавање, правото на репродукција, правото на изнајмување, дистрибуција или позајмување.

Во пракса ова ќе значи дека моралните права (т.е. право да се бара да се назначи за автор на делото, правото да се спротивстави на промените кои може да наштетат на репутацијата наавторот) се непреносливи, па така авторот ќе остане носител на правата дури и ако материјалните права се пренесени на работодавачот.

Клучната фраза за тоа кому всушност му припаѓаат правата на ИС, покарај земјата, лежат и во тоа дали вработениот го направил делото поврзано со дејноста на работодавачот? Доколку одговорот е да, тогаш најчесто моралните права остануваат кај вработениот, а на работодавачот му припаѓаат материјалните права односно можноста за комрецијализација на ИС. Секако, вработениот има право за фер надоместок – што тоа и да значи за двете страни. Доколку пак одговорот е не, во тој случај најчесто, и моралните и материјалните права си ги задржува вработениот, секако доколку со предходен договор не е одредено поинаку.

Но што е со надворешните консултанти, соработници и специјалисти? Кому припаѓаат оригиналните дела поврзани со во тој случај?

Во повеќето земји, по правило, независниот соработник кој од страна на компанијата е ангажиран за развој на нов производ, процес, авторско дело или дизајн, е носител на сите права, освен ако предходно не е поинаку определено со договор. Компанија која на пример платила независен изведувач да креира посебна веб-страна за нив, може непријатно да се изненади, кога ќе открие дека тие немаат никакви права врз она што го нарачале! Во теорија тие не можат да ја менуваат неговата содржина, и секој кој сака да ја репродуцира содржината – тоа може да го направи само по добиена согласност од изведувачот!

Освен ако со писмен договор не е определено дека изведувачот / консултантот на компанијата ѝ ги пренесува сите права кои произлегуваат од ИС врз компанијата која се јавува како нарачател, компанијата нема да биде носител на правата на она што е развиено, без оглед на тоа што таа за тоа уредно има уредно платено.

За да избегнете спорови со вашите вработени или ангажираните консултанти во врска со тоа кој е носител на првата од ИС, добро е да превземете неколку чекори однапред:

побарајте правен совет – овие прашања знаат да бидат доста сложени и да се разликуваат од земја до земја, затоа е добро да се консултира локален експерт.

склучете писмен договор – однапред договорете се за тоа кој ќе биде носител, кој какви права ќе има, дали ќе има надомест за пренос, кога ќе се случи преносот и дали ќе бидат дозволени дополнителни измени. И видете дали тоа е применливо.

имајте било каков договор уше пред да се започне со работа – не оставајте ги работите за подоцна, затоа што ако секој тргне со своите претпоставки, во иднина знае да биде многу тешко да ги споите точките на интерес

имајте клаузули за доверливост и ИС – знајте дека вашите вработени или консултанти утре може да бидат ангажирани од вашите конкуренти.

имајте внатрешни регулативи, упатства или интерни процедури – за се она што нема да може да го ставите во договорите, најчесто важат официјалните политики на компанијата, и добро е, колку и да е мал вашиот бизнис – да имате барем минимум регулативи за општите политики на делување, меѓу кои и за ИС.

посебно внимавајте како, и со кого правите истражување и развој (R&D) – затоа што при истражувањата обично нема конкретен продукт или технологија, но подоцна дополнително може да произлезе сериозна ИС од истите. Посебно внимавајте на преносот на резултатите, делата, т.н. „know-how“, но и правото за менување на делата, истражувачките резултати и физичките материјали.

И следниот пат кога ќе сакате да направите нова тетоважа за која вие не сте го креирале дизајнот, сетете се дека авторството му припаѓа на „тату мајсторот“ – иако, таа се наоѓа на вашето тело!

Ѓорѓи Рафајловски

Оперативен директор на SEEUTechPark, првиот технолошки парк во Македонија.

*Колумните се лични ставови на авторите и Macedonian Business Hub се оградува од ставовите во објавените колумни, а одговорноста за изнесеното во нив е исклучиво на авторот.

error: Content is protected !!