Сѐ уште нема преговори за членство, но ЕУ ја стави Македонија на „сивата даночна листа” поради ТИРЗ-овите

Европската Унија ја стави Македонија на „сива листа” поради недоволно исполнување на даночните критериуми, во прашање се технолошко-индустриските развојни зони, јави дописничката на МИА од Брисел.

Советот на ЕУ вчера ја стави Македонија на сива листа на земји кои имаат потенцијално штетни даночни режими. Во македонскиот случај, како што објаснуваат во Брисел, ова се однесува на технолошко-развојните индустриски зони.

Одлуката на ЕУ се базира врз анализите на Организацијата за економска соработка и развој која претходно ги стави овие зони во проблематична категорија, нагласувајќи дека тие содржат потенцијално штетни особини.

Со ова, Македонија се наоѓа во списокот на земји кои не ги исполнуваат сите меѓународни даночни стандарди, но кои се заложиле дека ќе ги донесат потребните измени за да се усогласат со бараните критериуми на меѓународно ниво.

Списокот на земји и територии кои не ги исполнуваат даночните стандарди се ажурира два пати годишно во ЕУ.

ЕУ во вторник ги отстрани Ангвила, Доминика и Сејшелите од својата „црна листа“ на даночни оази, истовремено додавајќи ја Македонија на „сивата листа“, која вклучува земји кои имаат несоодветни даночни стандарди, но се обврзаа на измена на прописите во согласност со барањата.

Ангвила, Сејшели и Доминика претходно беа ставени на „црната листа“ бидејќи не ги исполнуваа критериумите за даночна транспарентност, потсетува агенцијата АП.

„Црната листа“ на ЕУ беше воспоставена во 2017 година со цел да се бори против растечкото затајување данок и редовно се ажурира.

Пред некој ден DW и агецијата ДПА објавија дека француската влада, сака да ја задржи можноста да го блокира приемот на нови членки доколку ЕУ во наредните години не се реформира доволно согласно француските очекувања.

Со тоа, шесте земји аспиранти за членство од Западниот Балкан и натаму остануваат без целосно јасни шанси за полноправно членство во ЕУ.

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *

error: Content is protected !!