Ново време – нови видови на сопственост

Кога зборуваме за различните права на интелектуална сопственост, и што таа може да заштити, обично ни текнува на: зборови, фрази, брендови, логоа, книги, слики, авторство, дизајн на мебел или некоја модна креација, машини или пак патенти.

Сепак, во новото технолошко време во кoе живееме длабоко во 21-от век, светот создава, креира и иновира сосема нови содржини, кои може да бидат уникатни, и препознаени како такви од страна на пошироката јавност.

Дали некогаш сте се запрашале, на пример, дали може да заштитиме специфични: звуци, бои или шаблони, форми на пакување, тетоважи, вкусови или мириси, или пак нови трендови на интернет културата како што се „мемиња“ и „гиф-ови“ (’memes’ & ‘gifs’)?

Добредојдовте во ‘традициоланото 2.0’!  Што тоа и да значи…

Звуците, на пример, барем оние кои што можат да се претстават преку музичка нотација / џингл, – во принцип можат да бидат заштитени според законите за трговски марки и авторски права. Иако авторското право се чини подостапно, заштитата на трговската марка бара да се утврди дали таквите звуци дејствуваат како индикатори за комерцијално потекло, односно – во техничка смисла – дали ја прикажуваат нужната посебност на едно дело.

По најновата реформа на системот за трговски марки на ЕУ и промената во барањата за застапување, Канцеларијата за интелектуална сопственост на Европската Унија (EUIPO) сега може да прима пријави за трговски марки во акустична форма, без досегашната обврска за графички приказ на истите. За звучните знаци, EUIPO прифаќа само апликации што се аудио датотека што го репродуцира звукот. Добар пример за ова е заштитата на аудио трговска марка на крикот на познатиот фикционален каректер „Тарзан“.

Во истиот контекст, одредени бои или шаблони, на пример боите на светски познат фудбалски клуб „FC Barcelona или шаблонот што го користи исконската модна куќа „Louis Vuitton, може да бидат заштитени, меѓу другото и како трговски марки.

Дури и облиците како што се обликот на шишето на безалкохолениот пијалок „Coca Cola или пак обликот на пакувањето на чоколадите „Toblerone”, потрошувачите не секогаш ги сфаќаат боите и дезените како показатели за комерцијално потекло сами по себе. Затоа, клучниот услов за посебност не може секогаш да се исполни уште на самиот почеток, и како и за другите марки, понекогаш посебноста може да биде стекната преку употребата на марката и како резултат на ефектот кој таа го име врз перцепцијата на потрошувачите.

Од друга страна пак, законите за регистрација изрично забрануваат регистрација на одредени облици и други карактеристики на производите, како на пример облици кои се исклучиво технички – на пример, обликот на „Рубиковата коцка“, без разлика дали таквите знаци потрошувачите ги перцепираат како индикатори за комерцијално потекло.

Ако зборуваме за тетоважите, иако тоа се често уметнички дела (цртежи), тие сепак имаат една клучна карактеристика: приврзаноста кон човечкото тело. Тетоважите во принцип се заштитени според законот за авторски права (и потенцијално со законотите за трговски марки илио дизајн) со истите услови како и секој друг вид на дела, особеноста на медиумот на кој се креирани / втиснати може да доведе до конфликти помеѓу правата на тату-уметникот и правата на лицето кое носи одредена тетоважа. На пример: дали тату-мајсторот може да се спротивстави на репродукцијата на неговата тетоважа, дури и ако лицето што ја носи веќе се согласило да употреби одредена сличност?

Неодамна, еден суд во САД пресуди дека правата на лицето што ја носи тетоважата преовладуваат над авторските права на тетоважата. Во конкретниот случај, еден развивач на видео игри веќе добил дозвола од некои познати кошаркари, вклучително и Леброн Џејмс, да ја репродуцира нивната сличност, дури и нивните тетоважи – во аватарите прикажани во видео играта. Пресудата утврди дека не е потребна посебна дозвола од тату-мајсторите за формално-правно објавување на авторските права од тетоважите видливи на телата на спортистите.

Слично како и тетоважите, новите форми на интернет-културата, како што се ‘мемињата’ и ‘гифовите’ покренуваат одредени прашања од законите за авторски права. Од гледна точка на законите за трговска марка, да се потсетиме дека е можно и дозволено да се регистрираат движечки логоа, како на пример Nusret – Salt Bae“ и неговиот препознатлив шеф-стил!

За разлика од „предметите“ кои се перципираат преку сопствените механички сетила (вид, слух и допир), вкусовите и мирисите се перципираат преку т.н. хемиски перцептори и како такви се многу субјективни. Начинот на кој нешто мириса или се вкусува, за некоја личност може да се разликува од мирисот или вкусот на друго лице.

Поради оваа особеност, дали вкусовите и мирисите можат да бидат заштитени со интелектуалната сопственост? Што се однесува до трговските марки и авторските права, одговорот е ист: не е возможно да се добие заштита под ниту една од нив, ако предметниот вкус или мирис не може да се идентификуваат со доволна прецизност и објективност. Европскиот суд неодамна го потврди ова, во еден случај на заштитата на авторските права на вкусот на на одреден намаз со сирење.

Времето во коешто живееме е време на дигитални производи и услуги, и време на технологија. Традиционалните или конвенционалните форми на заштита мора соодветно да се прилагодат на разновидните и „нетрадиционалните“ нови елементи.

Сепак, правата на интелектуална сопственост им даваат монопол на нивните сопственици, па затоа секогаш мора да се внимава на балансот со интересите и правата на сопствениците, пошироката јавност, но интересот на третите – засегнати страни.

Инвестирањето во сопственост се исплаќа, па дури и таа да е дигитална!

Ѓорѓи Рафајловски

Оперативен директор на SEEUTechPark, првиот технолошки парк во Македонија.

*Колумните се лични ставови на авторите и Macedonian Business Hub се оградува од ставовите во објавените колумни, а одговорноста за изнесеното во нив е исклучиво на авторот.

error: Content is protected !!