Некој ми го краде бизнисот?!

Колку е поголема вредноста на интелектуалните добра на твојот бизнис, толку е поголема веројатноста дека другите ќе посакаат да имаат некаков бенефит од нив – по можност бесплатен!

Што може, и што треба да направиш, доколку увидиш дека некој ги копира или ги крши правата на Интелектуална Сопственост на твојот бизнис? Кои се твоите опции?

Иако првиот инстикт на секој од нас е тужба, она што е релевантно за големите брендови – би требало да послужи како урнек и за стартапите, односно малите бизниси. А тоа е: не делувај импулсивно!

Пред да донесеш било каква одлука за следните чекори, многу е пожелно убаво да се размисли за следниве неколку аспекти:

  • точно одреди кој ја прави повредата – дали е тоа друг бизнис, лице,  интернационлен производител или главен увозник / дистрибутер, или пак некој локален трговец на мало
  • оцени ја големината на проблемот – ова е важно од аспект на тоа во колкав обем е штетата по твојот бизнис и твојата репутација
  • размисли дали е веројатно проблемот да се зголеми – доколку да, тогаш најверојатно ќе треба поитна акција од твоја страна
  • пресметај (дури и лаички) колку директна или индиректна загуба претрпел бизнисот – до сега, или би претрпил во иднина со повредата

Откако ќе имаш јасна слика на фактите, тогаш фокусирај се на трошоците и придобивките од акциите што евентуално би ги превзел. Секако, внимавај дека во определени околности, препорачливо е да се дејствува што е можно побрзо, наместо да се чека премногу долго за превземање на конкретни акции.

Откога ќе завршиш со согледување на околностите, на располагање ти се неколку опции:

  1. Првата опција е да ја игнорираш повредата на правата на ИС – доколку загубата на приходите од продажба или добивката се чини дека се минорни или занемарливи од твоја лична бизнис-перспектива. Во одредени случаеви може да се работи за ситен или незначаен прекршок на мирко-локално ниво за кој многумина сметаат дека нема да ги загрози нивните финансиски и репутациски постигнувања. Сепак, внимавај и будно следи ги нивните следни чекори. Она што започнало мало – не значи дека така и ќе остане засекогаш.
  • Дознај кој е вистинскиот „виновник“, и справи се со него експедитивно и методично – ако обемот на повредата веќе е, или многу скоро може да биде значителен, справувањето со овие ситуации бара внимателно истражување на добрите и на лошите страни на сите алтернативи. Алтернативите вкучуваат: разговор со другата страна, повлекување, но и покренување судска постапка. Во случај на тужба, треба добро да се проценат шансите да го добиеш случајот, висината на надоместат на штета кој може разумно да го очекуваш од лицето или бизнисот кои ги повредиле твоите права, како и веројатноста да добиеш надомест на трошоците на постапката доколку пресудата е во твоја полза.
  • Во случај да имаш спор со компанија со која веќе имаш склучено деловен договор (на пример договор за лиценца или франшиза) провери дали договорот содржи клаузула за арбитража или медијација. Честа пракса и разумно е во договорите да се вклучи специјална одредба согласно која, решавањето на евентуалните спорови помеѓу страните ќе се довери првенствено на арбитража или медијација, со цел да се избегнат високите трошоците за судските постапки. Во одредени случаи, можеш да ги искористиш системите за алтернативното решавање на споровите како арбитражата или медијацијата, дури и ако не постои клаузула во договорот или ако воопшто нема договор, но само доколку сите вклучени страни сте согласни на тоа.
  • Една од многуте опции е да испратиш писмо, вообичаено познато како„Писмо за претанок и одвраќање– со ова, наводниот прекршител го информираш дека постои конфликт помеѓу првата на ИС на твојот бизнис и неговите/нејзините деловни активности, при што треба прецизно се идентификува областа на конфликтот, со сугестија дека е можно обострано да се дискутира како да се реши проблемот. При составувањето на вакви писма, пожелно е да се побара помош од адвокат со цел да се избегнат евентуални судски постапки иницирани од страна на наводниот прекршител, кој би се спротивставил на постоењето или на опасноста од постоење повреда. Оваа постапка многу често е ефикасна во случај на ненамерна повреда од прекршителот, кој во ваквите случаеви или ќе ги прекине активностите, или ќе се согласи да преговара за склучување на некаков договор.
  • Доколку се соочуваш со намерна и очигледна повреда, особено во делот на фалсификување и пиратерија, побарај помош за спроведување на заштитата од надлежните власти – со цел да се спречи повредата и да се зачуваат докази во врска со наводната повреда. Во тој случај, сторителот на повредата може да биде принуден од страна на надлежните судски органи да те информира за идентитетот на евентуални трети страни вклучени во производството и дистрибуцијата на стоки или услуги со кои се прави повредата, и на нивните канали на дистрибуција. Една од најчестите и најефективни мерки за да се спречи ваквиот вид на повреда на ИС, е можноста судските органи да наредат, на барање од твојата компанија, стоката со која се прави повредата да биде уништена или да се отстрани од пазарот без надомест.
  • Иницирање на граѓанска постапкасудовите генерално обезбедуваат широк спектар на правни средства да се компензираат носителите чии права на ИС се повредени: надомест на штета, забрани, наредби да се даде отчет за профитот, парична казна согласно остварениот промет / профит, како и налози на носителот на првата да му се предадат стоките со кои се прави повредата. Законите за интелектуална сопственост, исто така, може да содржат одредби за кривична одговорност за производство или комерцијално искористување на стоки со кои се прави повреда.

Во било кое сценарио, доколку сметаш дека постои наводна повреда или спор околу правата на Интелектуална Сопственост за твојот бизнис, пред да преземеш какви било формални дејствија, добро е да побараш правен совет од специјалист, со цел да попрецизно да се процени најповолната опција за твојот случај, во зависност од околностите.

Крадењето на Интелектуална Сопственост денес е полесно од кога и да е, но сепак е кражба!

Ѓорѓи Рафајловски

Оперативен директор на SEEUTechPark, првиот технолошки парк во Македонија.

*Колумните се лични ставови на авторите и Macedonian Business Hub се оградува од ставовите во објавените колумни, а одговорноста за изнесеното во нив е исклучиво на авторот.

error: Content is protected !!