Владата ќе се задолжи 250 милиони евра преку германска обврзница
Владата донесе одлука за издавање на хартии од вредност на германскиот пазар, обврзница позната како „Namensschuldverschreibungen“, односно NSV, во износ од 250 милиони евра.
Според Министерството за финансии овој инструмент со својата каматна стапка и рок на доспевање била најдобра опција за портфолиото на јавен долг. Имено, каматната стапка изнесува 3,75% плус 6 месечен ЕУРИБОР, со рок на отплата од 3 години и 18 месеци грејс-период.
NSV е инструмент кој обично го издаваат висококвалитетни клиенти со стабилен инвестициски кредитен рејтинг, а хартиите од вредност се купени од страна на германски инвеститори. NSV како регистрирана хартија од вредност, од страна на Дојче банка до сега е издадена во Полска, Ирска, Белгија, Кралството Шпанија. Овој финансиски инструмент покрај Дојче банка го издаваат и KFW, IBRD, EIB.
Според Министерството за финансии почнувајќи, од првиот квартал на оваа година, се до овој момент е забележан значителен пораст на цената на тргување и на секундарниот пазар на издадените еврообврзници, коишто претставуваат своевиден репер за дефинирање на цената (каматната стапка) при евентуално издавање на нова еврообврзница. Во моментов македонските еврообврзници се тргуваат со принос во распон од приближно 7%, што значи дека доколку Република Македонија одеше со нова еврообврзница, каматната стапка би била на ниво од околу 8%.
Во вакви услови уште повеќе доаѓа до израз потребата за водење на претпазливи домашни политики, така што Министерството за финансии пристапи кон пронаоѓање на друг поповолен извор на финансирање. Министерството за финансии во соработка со Дојче банка во изминатиот период, континуирано работеше за издавање нов финансиски инструмент којшто претставува регистрирана обврзница согласно со германските закони – NSV. Со овој инструментот каматната стапка е значително пониска од онаа која би се постигнала со евентуалното издавање на нова еврообврзница, го правдаат новото задолжување од Министерство за финансии.
За потсетување јавниот долг на Македонија на крајот од 2021 година изнесуваше 7,1 милијарди евра или 60,8% од БДП додека државниот долг на крајот од првиот кавртал од 2022 изнесуваше 6,1 милијарда евра. Со новите задолжување се очекува јавниот и државниот долг да растат.