Бенкси како Црноризец Храбар

Сигурно го знаете познатиот уметник и графити мајстор Бенкси (Banksy). И сигурно знаете дека неговиот идентитет е таен, тој не го открива својот лик во јавноста.

Она што можеби не го знаете е дека Бенкси ги прави сите своите уметнички дела достапни онлајн и овозможува нивно бесплатно симнување …  со еден експлицитен исклучок: „недозволена употреба за комерцијални цели. Еднаш се има изјаснето и дека: Авторските права се за губитници!

Проблемите за Бенкси започнуваат кога бизниси и други уметници почнуваат да ги ставаат неговите дела на свои продукти, и „прават пари врз неговиот труд“. Тогаш, Банкси решава да ги заштити своите дела преку „авторство“ и „трговски марки“. Но, дали може анонимно лице да ги оствари овие права без да биде откриен неговиот идентитет? Кому во тој случај ќе му припаднат овие права? Решението го пронајде во „Pest Control Office Limited“ – компанија посветена на автентичноста на сите работи поврзани со Бенкси, која го потврдува неговиот вистински идентитет!

Дали ова му успева?!

Во дигиталниот свет во кој живееме, каде реалноста и фикцијата се испреплетени, се поставува следнот прашање? Дали графитите се дел од уметноста (дигитална или реална)? И ако се, дали можат да се заштитат?

Случајот со Бенкси ни го дава одговорот. Но да одиме со ред.

Се чини дека уличната уметност на славниот Банкси се слави низ целиот свет, се чини повеќе поради својот антиавторитарен тон и неговиот исклучително таен личен идентитет. Бенкси не е само уметник, тој се доживува и како изјава за слобода. Неговите познати графити се најдоја и низ рушевините на војната во Украина, и веднаш беа препознаени од стветската публика.

Бенкси е и режисер на документарниот филм „Излез низ продавницата за подароци“ во 2010 година, кој дури беше номиниран и за Оскар. Неговата работа може да се препознае речиси веднаш кога ќе се забележи на која било улица во светот. Тој навистина е космополитски уметник, и властите веруваат во уметноста и славата на Бенкси за да го поттикнат локалниот туризам. Тоа е моќта на Бенкси, кој неодамна дури се обиде да ја монетизира својата слава преку издавање на NFT – токени.

Уметноста на Бенкси е автоматски заштитена со авторски права. И покрај тоа што неговата улична уметност е создадена на јавни места и е достапна за уживање на сите, тој ги поседува авторските права на овие дела, односно, сите уметници автоматски ги поседуваат авторските права на делото што го создале, во текот на нивниот живот и до 70 години по нивната смрт (според законите на Обединетото Кралство).

Во 2002 на влезот во еден ноќен клуб во Брајтон – Англија, осамна еден графит на Бенкси, кој прикажува мајмун кој држи знак со фразата „Смејте се сега, но еден ден ние ќе бидеме главни“. Оттогаш, уметноста на Бенкси вклучува вакви мајмуни кои се појавија во голем дел од делата на уметникот, вклучително и едно парче кое беше продадено за речиси 3 милиони евра на аукција на Сотби.

Но, откако „Pest Control“, групата задолжена за автентичност на неговите дела, официјално поднесе барање за заштита на Трговска Марка пред EUIPO во 2019 година, една компанија за честитки во Велика Британија наречена „Full Color Black“ тврдеше дека сликата не е доволно „дистинктивна“ и дека трговската марка била поднесена „со лоша намера“. Компанијата ги користеше мајмуните од графитите за своите честитки кои беа генерално пропознаени и купувани од клиентите. Тогаш, Европската Управа за интелектуална сопственост пресуди во корист на „Full Color Black“.

Во Септември 2020 Бенкси ја губи и втората битка за трговска марка во случајот „Love Is In The Air (Flower Thrower)“. Се чинеше дека анонимноста на уметникот скапо ќе го чини комерцијализацијата и докаживањето на автентичноста на неговите дела.

Но, на изненадување на сите, неодамна Апелациониот Одбор на ЕУ, утврди дека компанијата „Full Color Black“ не успеала да докаже дека трговската марка била поднесена „со лоша намера“, и му дозволува на Бенкси да ги задржи правата на трговска марка на сликата со мајмунот, но што е уште позначајно: воедно му дозволува за си ја задржи анонимноста!

Ова значи дека предметното дело е заштитено и со авторски права и со трговска марка.

„Ова е значајна победа за Бански, или поточно за „Pest Control Office Limited“, што му овозможува на Банкси да го скрие својот идентитет“, рече специјалистот за трговски марки Lee Curtis од „HGF Limited“.

До денес EUIPO – Европската Канцеларија за Интелектуална Сопственост има добиено вкупно 17 различни апликации: 3 во директна врска со името на Банкси, и 14 за неговите уметнички дела. 9 од овие апликации се регистрирани и веќе важечки Трговски Марки, а другите 8 се одбиени.

Модерниот Црноризец Храбар од нашето време, иако можеби во други околности, сепак докажува дека дури и анонимно, или под псевдоним – вашите дела се заштитени, и можете да остварувата финансики бенефити од нивната употреба.

Ѓорѓи Рафајловски

Оперативен директор на SEEUTechPark, првиот технолошки парк во Македонија.

*Колумните се лични ставови на авторите и Macedonian Business Hub се оградува од ставовите во објавените колумни, а одговорноста за изнесеното во нив е исклучиво на авторот.

error: Content is protected !!