Поради масовното иселување, Владата размислува за увоз на работна сила од странство
На последниот спроведен попис се покажа дека Македонија има 200.000 помалку жители, главна причина иселувањето, највеќе се иселуваат високо образованите но и луѓето што се без високо образование но кои се во најдобрите работни години, од друга страна Владата се правда дека сме држава со висока стапка на невработеност ама дека во исто време сме имале и недостиг на работна сила поради тоа Владата размислува за увоз на работна сила од странство во земјата, како една од мерките за раздвижување на економијата.
Ова табу тема, според вицепремиерот за економски прашања Фатмир Битиќи, се очекува да биде отворена годинава, со што ќе се отвори патот за увоз на работна сила за да се зголеми продуктивноста и конкурентноста на економијата. Ова е еден од краткорочните приоритети на коишто се осврна Битиќи на конференцијата „Економски предизвици во 2023 година: Како да го одржиме економскиот раст и ја трансформираме економијата“, во организација на Стопанската комора.
„Ние сме една од ретките држави во која има висока стапка на невработеност, а има недостиг на работна сила.Зголемувањето на платите е добро за зголемување на продуктивноста, но се покажа дека и покрај зголемувањето на платите продуктивноста е уште ниска“, вели тој. Затоа, вицепремиерот укажа дека мора да се смени пристапот.
„Не можеме цело време да се бориме со заштита на нашата работна сила која е невработена, а при тоа тие да одбиваат работа и економијата да трпи.Не можеме да имаме ни јавни инвестиции ако немаме увоз на работна сила во земјава. За жал таква е состојбата и ние еднаш за секогаш мора да се справиме со тоа“, посочи Битиќи. Тој оцени дека досега недоволно сме направиле за економијата да биде конкурентна на глобално ниво. „Имаме недостатоци или сме многу увозно зависни или имаме недостаток на доволно ресурси без разлика дали човечки или други и не секогаш имаме доволно јасни, прецизни и навремени политики“, истакна вицепремиерот за економски прашања.