Македонија на дното на Балканот по раст на БДП во 2023, Албанија, Косово и Црна Гора држат економски лекции

Македонската економија годинава ќе забележи раст од 1,4 %, а во наредната од 3,6%, проценува Меѓународниот монетарен фонд во објавениот Преглед за светската економија во 2023 година. Инаку во октомври минатата година ММФ прогнозираше 3% раст на македонската економија во 2023, но со најновите бројки, сега е намален на само 1,4% раст на БДП за 2023 година.

По двоцифрените стапки во 2022, годинава инфлацијата во земјава ќе забави и ќе изнесува 9,2%.

Од земјите во регинот, највисок економски раст годинава ќе забележат Косово 3,5 и Црна Гора 3,2%. БДП на Грција ќе се зголеми за 2,6%, на Албанија за 2,2%, на Србија и на Босна и Херцеговина за 2,0%, на Хрватска 1,7% и на Бугарија за 1,4 % исто колку и Македонија со која го делат последното место. Но Бугарија со години веќе нема Влада, што не може да се каже и за Македонија.

На глобално ниво ММФ годинава не очекува рецесија, туку раст од 2,8 отсто во однос на 2022. Фондот не очекува рецесија ниту во САД, прогнозирајќи раст од 1,6 отсто.

Еврозоната ќе забележи раст од 0,8 проценти, но со пад на најголемата европска економија – германската од 0,1 отсто.

Попозитивни се проекциите на ММФ за азиските економии. БДП на Кина годинава ќе се зголеми за 5,2 отсто, Индија ќе забележи раст ио 5,9 отсто, а над пет проценти ќе „одат“ и Виетнам, Индонезија и Филипини.

Рецесија не се предвидува ниту во Јапонија (раст од 1,3 отсто), како ни во Русија, за која ММФ лани прогнозираше пад на економската активност од 2,1 отсто, а сега најавува раст од 0,7 отсто за 2023 година.

Глобалната инфлација ќе се намали, иако побавно од првично предвиденото, од 8,7 отсто минатата година на 7 проценти оваа година и на 4,9 во 2024, се наведува во прогнозата на ММФ.

error: Content is protected !!