Вештачка Интелегенција дооел
Секојдневно сме бомбардирани со сензационални наслови како: „Како ChatGPT ќе го промени светот засекогаш?“, „Зошто е ChatGPT опасен?“, „Дали вештачката интелигенција ќе ги замени програмерите?“, „ChatGPT може да го замени Google!“, „Кои професии ќе бидат заменети од вештачката интелегенција во следните 10 години?“,
Да бидеме реални – т.н. генеративна вештачка интелигенција (Generative AI) e магија! Тука станува збор за модели способни да генерираат текст и слики кои личат на она што би го создал човекот, што логично поттикна многумина да шпекулираат за нивното потенцијално влијание врз различни индустрии, вклучително и правото за интелектуална сопственост.
Добиените производи не само што се фасцинантни, туку и нивниот квалитет и брзината на создавање се сѐ подобри во споредба со просечните човечки перформанси.
- Но, како всушност работи генеративната вештачка интелигенција?
Најдобро е да објасниме преку два примери: ChatGPT и DALL-E 2.
ChatGPT (Generative Pre-trained Transformer) е јазичен модел развиен од OpenAI, кој врз основа на даденото пребарување и може да генерира содржина, односно текст што наликува на она што би го создал човек. Користи техники за длабоко учење (deep learning), на голем број податоци и генерира одговори кои се кохерентни и контекстуално релевантни.
Тоа е авто-генеративен разговор кој црпи информации од огромна база на податоци, ги собира и потоа ги обработува со помош на т.н. „natural language processing“, за да биде поразбирлив за обичните луѓе и нивниот секојдневен говор. Она што го прави специфичен, е тоа што има способност да учи врз основа на влезните податоци што ги добива од корисникот, што му овозможува на системот постојано да се подобрува.
DALL-E 2 пак, е напреден систем на вештачката интелигенција кој генерира слики од текстуални команди, користејќи комбинација на техники за „длабокото учење“. И овој систем користи огромно количество податоци за обука, кои вклучуваат слики и нивни описи. Системот е способен да создава сложени слики и цртежи со многу детали, вклучувајќи предмети, односно објекти кои и не постојат во реалниот свет.
Кратенката „DALL-E“ е всушност игра со зборови помеѓу познатиот уметник Салвадор Дали, комбиниран со главниот лик на анимираниот филм „WALL-E“.
- Дали самата вештачка интелегенција има авторски права на вака генерираната содржина?
И во двата случаи, системите се дизајнирани да извршуваат задачи кои инаку би барале човечки интелект, креативност и она што сите ние го сметаме за оригиналност на едно дело.
Ваквите системи користат огромно количество податоци за обука и генерирање содржини кои се извлекуваат од бројни извори, што значи дека всушност ги бараме одговорите на прашањата: Кој е носител на правата на содржините што се генерираат? Дали таа содржина е оригинална? и Што за неа вели законската регулатива за авторските и сродните права?!
Па, да одиме со ред:
Авторското право и сродните права ги штитат моралните и имотните интереси на авторите.
Законите за авторско право и сродни права скоро насекаде го дефинираат авторското дело како оригинална интелектуална креација од литературна, научна или уметничка област која има индивидуален карактер, без оглед на начинот и формата на изразување, видот, вредноста или целта на истото.
Авторското право припаѓа, по својата природа, на лицето кое го создава авторското дело.
Без да навлегуваме во детали, со сигурност може да заклучиме дека авторството врз генерираната содржина не припаѓа на самате технологија. Таа припаѓа на нејзините креатори! Така вели правото…
Но, што вели ChatGPT?! Го прашавме, и еве го неговиот одговор:
„Содржината на ChatGPT е креирана од страна на OpenAI, и OpenAI ги поседува авторските права врз неа. Како корисник на ChatGPT, имате дозвола да ја користите содржината што се генерира од страна на моделот, но авторските права и сопственоста сè уште припаѓаат на OpenAI. Би било препорачливо да се прочитаат условите на користење и политиката за приватност на OpenAI, кои се однесуваат на користењето на ChatGPT или други производи на OpenAI.“
Се разбира дека, ChatGPT како систем за вештачка интелигенција не може да биде носител на авторски права на генерираната содржина, но треба да се напомене дека тој генерира содржина врз основа на базата на податоци на која е обучен, создавајќи нова, претходно непостоечка содржина. Оваа содржина сепак може да биде заштитена со авторски права, но зависи од тоа дали воопшто може да се смета за дело, односно оригинална интелектуална креација?
Исто така, дали воопшто можеме да знаеме дали ги прекршуваме авторските права на оригиналните дела (податоци) што биле користени за обука на системот? Се разбира, денес просечниот корисник не може (или тешко може) да го знае ова, бидејќи изворите врз основа на кои е генерирана содржината во моментов се непознати.
Веќе имаме и примери на лица кои му наредуваат на системот да генерира песна. Дали истата може да се објави како сопствена? Дали песната може да се употреби за комерцијални цели?
Согласно член 3(а) од „Условите за користење“ на OpenAI, корисникот е носител на правата на сите содржини (input) што самиот предходно ги задал.
Покрај тоа, OpenAI му ги доделува на корисникот сите негови „права, титули и други интереси“ (правата на заштита) при т.н. излез (output) на целокупната содржина генерирана врз основа на командата на корисникот.
Ова значи дека корисникот може да ја користи генерираната содржина за која било цел, која вклучува и комерцијални цели како што се продажба или објавување, под услов да се почитуваат „Условите за користење“.
Сепак, OpenAI го задржува правото да ја користи генерираната содржина за целите на обезбедување и одржување на своите услуги, во согласност со важечките закони и спроведување на неговите правила, при што се оградува од секаква одговорност и ја пренесува истата одговорност за генерираната содржина директно на корисникот, кој не смее да ги прекршува важечките закони или „Условите за користење“.
Оттука произлегува дека сепак, правата што ги има корисникот – не се неограничени ниту ексклузивни.
Вториот проблем е што, OpenAI јасно нагласува во член 3(б) дека генерираната содржина, т.е „output“-от можеби нема да е уникатен / оригинален и дека е можно негово повторување.
Со други зборови, повеќе корисници врз основа на исти или слични параметри може да добијат многу слична или иста содржина.
Сега прашањето е дали воопшто е можно да се имплементираат и реализираат какви било авторски права што се доделуваат на генерираната содржина, ако се знае дека таа не е уникатна или оригинална по природа?
- Можности и пречки при комерцијална употреба
Веќе објаснивме дека содржината што се генерира не го црпи правото исклучиво од дадената команда на корисникот, туку и од огромната база (милиони, милијарди) податоци врз основа на која се обучува системот за вештачка интелигенција, која вклучува внесување и на можеби милион други корисници, така што ситуацијата станува исклучително комплицирана кога размислуваме за потенцијалните импликации за повторната употреба на генерирана содржина и заштитата на авторските права.
Лесно е да се замисли ситуација во која корисникот објавува генерирана содржина што ги прекршува авторските права на друг корисник бидејќи е премногу слична на некој предходен “output“ или поради што наликува на некое друго веќе постоечко дело.
Што ако при внесување „input“ корисникот бил инспириран од некоја постоечка песна, приказна, фотографија или слика, а системот за вештачка интелигенција генерира резултат кој е екстремно сличен на оригиналот кој всушнот послужил како инспирација за првично внесениот „input“?!
Многу уметници и автори веќе ја искажуваат својата загриженост, а на почетокот на годината „Getty Images“ најави тужба против компанијата „Stability Diffusion AI“, која има сопствен модел за длабоко учење, и кој наводно користел повеќе од 12 милиони нивни фотографии за да го обучи својот систем.
Во случајот поднесен кон крајот на 2022 година, „Andersen“ против „Stability AI“, тројца уметници поднесоа заедничка тужба во која тужат повеќе генеративни платформи за вештачка интелигенција, за користење на нивните оригинални дела со помош на кои ја обучуваат својата вештачка интелигенција да креира во ‘нивните оригинални стилови’, без притоа да имаат одобрена лиценца од авторите. Ова им дозволува на корисниците да генерираат дела кои може да бидат недоволно трансформативни од веќе постоечките и заштитени дела! Ако судот утврди дека делата на вештачката интелигенција се неовластено превземени, може да наложат значителни финансиски казни.
Исходот од овие случаи се очекува да зависи и од толкувањето на судовите за доктрината за фер употреба, која начелно дозволува делото заштитено со авторски права да се користи без дозвола од сопственикот „за цели како што се критика, сатира, коментари, известувања во форма на вести, настава, при употреба при училишни методи, стипендии или истражувања“, и за трансформативна употреба на материјалот заштитен со авторски права на начин за кој тој првично не бил наменет.
Ова не е прв пат технологијата и законот за авторски права да се судрат еден со друг. „Google“ своевремено успешно се одбрани од тужба, тврдејќи дека трансформативната употреба дозволува т.н. „scrapping“ на текстови од книги за да се создаде нивниот пребарувач.
Од друга страна ЕУ Директивата 2019/790 на Европскиот парламент и на Советот од 17 април 2019 година во Член 4 вели дека „рударењето на текстови и податоци“, односно т.н. TDM (text data mining) – процесот со кој системите за вештачка интелигенција се користат за „симнување“ содржини од интернет во принцип е дозволен и не претставува повреда на авторските права, под услов тоа да се прави во постојните законски рамки, при што носителите на авторски права секогаш имаат опција за откажување (opt-out), односно право да се забрани користењето на нивните дела за тој процес.
Сега, прашањето кое се наметнува е како воопшто може такво нешто да биде следено од просечен креатор на содржини?
Неодамна, германскот фотограф Борис Елдагсен ја одби наградата на „Сони“ – светските награди за фотографија од страна на Светската организација за фотографија, затоа што истата била создадена со вештачка интелигенција, односно DALL-E 2. Ако стручно жири не може да препознае дело на вештачка интелегенција – тогаш што останува за нас, обичните смртници!
- Идниот развој на вештачката интелегенција ќе донесе и многу правни промени
Несомнено, генеративната вештачка интелигенција ќе ја промени природата на креирањето содржина, овозможувајќи многумина да го направат она што досега само малкумина го имаа во форма на вештините или напредната технологија – и да го постигнат тоа со голема брзина. Како што се развива оваа технологија во подем, корисниците ќе мора да ги почитуваат правата на сите оние кои го овозможиле нејзиното создавање – иронично, токму оние создавачи на содржини кои можеби и самите ќе бидат заменети од истата технологија!
Вештачката интелигенција иако секојдневно напредува и се развива, сепак, нејзината иднина е многу перспективна.
Во поблиска иднина, можеме да очекуваме дека таа ќе се фаќа во костец со проблеми кои досега биле нерешливи, преку примена на длабокото машинско учење, но и други техники. Исто така, вештачката интелегенција ќе се развива во насока на се поголема интеракција со луѓето, преку создавање на помогнати системи за учење и разбирање на емоциите и потребите на своите корисници.
Сепак, со овие новите технологии доаѓаат и некои нови предизвици, како што се прашањата за приватноста и сигурноста на податоците, етичките и моралните прашања, како и влијанието на автоматизацијата врз работните места. Овие прашања треба да се земат предвид при идниот развој и имплементација на вештачката интелегенција.
* последните 3 параграфи се напишани од ChatGPT и преставуваат негово авторство. Импресивно, зарем не!?
Ѓорѓи Рафајловски
Оперативен директор на SEEUTechPark, првиот технолошки парк во Македонија.
*Колумните се лични ставови на авторите и Macedonian Business Hub се оградува од ставовите во објавените колумни, а одговорноста за изнесеното во нив е исклучиво на авторот.
