Ангелоски:Да се намали јавната администрација, а не да се воведуваат нови даноци
Имаме јавни претпријатија кои со години бележат длабоки минуси од десетици милиони евра. Сметаме дека има огромен простор за рационализација, намалување на јавната администрација, а не да се продуцираат нови даноци за прибирање пари, вели претседателот на Сојузот на стопански комори Трајан Ангелоски за Слободна Европа.
Владата пред крајот на минатата година најави даночна реформа со која планираше да собере дополнителни над 50 милиони евра во буџетот. Дополнително најавија солидарен данок на екстра профит за оние фирми кои во кризата ја зголемија заработувачката. Како гледате на тие најави?
Ние сметаме дека државните институции пред сè треба да се фокусираат на нерационалните трошења коишто се појавуваат во јавните претпријатија, во државниот апарат. Ние имаме јавни претпријатија кои со години бележат длабоки минуси изброени во десетици милиони евра и наеднаш овие компании и менаџментите на овие компании се амнестираат и се промовира еден нов систем на солидарност, кој на крајот на денот може да го постави прашањето солидарност на што. Солидарност на неефективното работење на сите овие, дали станува збор за железнички претпријатија или други јавни системи. Навистина сметаме дека постои огромен простор за рационализација, намалување на јавната администрација, дури сметаме дека постои можност и да се појават вишок средства, а не намалени средства па да се продуцираат нови даноци за прибирање на нови пари.