Во 2023 година ќе започне изградбата на пруга до скопскиот аеродром
Скопје ќе добие аеродромски воз што би сообраќал од Транспортниот центар до аеродромот.
Директорот на ЈП за железничка инфраструктура Хари Локвенец за Мета.мк информира дека во моментов работат на изработка на проектната задача што следи пред изготвување на физибилити студијата за идната пруга што ќе биде долга 8 километри. Локвенец појаснува дека токму физибилити студијата ќе даде податоци за оправданоста за реализација на проектот, но и неговата прецизна финансиска вредност.
-Нашите очекувања се дека до крајот на 2022 или почетокот на 2023 година би требало да се почне со градежните работи на терен и да се заврши во рок од една година, истакнува директорот Локвенец.
Тој додава дека лесниот терен на којшто ќе се гради пругата ќе овозможи експедитивно завршување на изведбата на овој проект.
Пред почетокот на изградбата на пругата, во период од шест месеци би траела изработката на физибилити студијата и проектната документација за планираната железничка инфраструктура. Дополнителни шест месеци ќе се потребни за реализација на тендерската процедура за избор на компанија-изведувач што ќе ја гради оваа пруга.
Директорот Хари Локвенец појаснува дека реални се очекувањата да се обезбедат средства за проектот преку апликација до Европската банка за обнова и развој (ЕБОР), и тоа дури и од веќе постоечки кредитни линии во зависност од слободните средства што стојат на располагање кај нив.
Според Националната транспортна стратегија за периодот 2018 – 2030 година, воведувањето на аеродромскиот воз е проектирано дека ќе чини 30 милиони евра. Овие средства би биле потребни да се изгради пругата, железничката станица во близина на аеродромската зграда, како и да се набават нови возови за одржување на релацијата.
Додека во Македонија во 2021 година се збори за изградба на пруга од 8 километри, Спејс Екс компанијата на Илон Муск имаше план до 2024 година да ги однесе првите луѓе на Марс, но во 2020 година објавија дека тоа нема да се случи во 2024 година туку дека првичните летови со луѓе кои ќе стапнат на Марс ќе се случат во 2026 година. Луѓе попрво ќе стапнат на Марс, него со воз од Скопје до Софија да стигнат. Но сепак Македонија има шанси пругата од 8 километри до Скопскиот аеродром да ја пушти во употреба пред луѓе да слетаат на Марс.
