Владата ветува дека нема да газите по кал, ќе се санираат улици со кредит од 70 милиони евра

Стартуваше имплементацијата на проектот „Македонија без кал“ со кој ќе се санираат локални патишта и улици во должина од 450 километри во 80 општини и Град Скопје, со 70 милиони евра кредит од Светска банка. Ќе се спроведат и обуки за жени превозници и преквалификација на лица поврзани со транспорт.

Градоначалниците и министерот за транспорт и врски Горан Сугарески денеска во Владата потпишаа Меморандум за соработка со што стартуваше проектот, што треба да ја подобри патната поврзаност, безбедноста на сообраќајот и локалниот и државниот економски развој. Првиот тендер од проектот со кој е предвидена санација на патишта во должина од 23 километри во вредност од пет милиони евра е веќе доставен на одобрување во банката.

Висината на средствата е различна за секоја општина, а се утврдува според бројот на население и на населени места, површината и регистрираните моторни возила. На располагање им се од 500 илјади до два милиона евра.

Министерката за финансии Нина Ангеловска истакна дека средствата од заемот се обезбедени под исклучително поволни услови од СБ, рок на отплата од 15 години, грејс период од пет години и каматна стапка од шестмесечен еурибор.

– Секој вложен денар во инфаструктурата се враќа четирикратно повеќе во економијата. Развојот на локалната инфраструктура е значајна за развој на локалната економија – рече Ангеловска.

Проектот е дел од четиригодишната рамка за соработка со СБ со вкупна вредност од 420 милиони евра.

error: Content is protected !!