Сиромаштијата е проблемот, а не нееднаквоста

Финансиската криза од 2007-2008 година со себе донесе многу проблеми создавајќи плодна почва дискусијата за доходна нееднаквост да биде повторно разгорена. Иако никогаш не зазема централно место, Берни Сандерс ја користеше секоја можна прилика да ја истакне зголемената нееднаквост во САД. Роберт Рајх, кој беше државен секретар за труд во администрацијата на Бил Клинтон беше наратор на филмот ,,Нееднаквост за сите,” за Барак Обама да отиде дотаму кажувајќи дека ,,ако имаме успешни бизниси, ние не сме ги изградиле.”

Оваа дискусија како да ни избега од раце, но сепак, луѓе како професорот на економскиот факултет во Скопје, Драган Тевдовски кој подоцна стана и министер за финансии држеше предавања во 2014 година, за време на студентските протести на оваа тема, за подоцна и поранешниот посебен советник за макроекономска политика во Министерството за финансии, Бранимир Јовановиќ честопати да зборува на оваа тема, давајќи и ,,живот” на нееднаквоста во Македонија.

Пред да се зборува за нееднаквостта, мора да се нагласи фактот дека Македонија се разликува безмалку по сите аршини од развиениот свет, каде што апсолутното ниво на доход зачудувачки и не е од големо значење овојпат. Имено, по втората светска војна, Македонија повеќе од пет децении поминува во централно планиран систем.

Дури и да претпоставиме дека при напуштањето на истиот во 1991-та година се соочивме со целосно еднаква распределба на доходот и богатството, преминувањето во пазарна економија со себе секако дека ќе донесеше нееднаквост.

Луѓето се разликуваат во своите способности, а систем кој ги наградува пропорционално оние чии способности се најценети на пазарот не може да доведе до ништо друго освен нееднаквост.

Тоа што земји како Македонија и Русија излегоа од периодот на транзицијата со по неколку крупни олигарси кои своето богатство го стекнаа на квази-легитимен начин ја менува природата на дискусијата.

Додека луѓето како Џеф Безос и Бил Гејтс создадоа империи бидејќи успеваа да ги услужат потрошувачите на подобар начин од своите конкуренти, локалните олигарсите откупуваа ,,заеднички средства” по багателни цени со закони специјално креирани за таа намена, честопати во монополски индустрии кои и ја гарантираа натпросечната профитна маржа.

Но, без оглед на страната која би ја застапувале, фактот дека подолг период од независноста Македонија го помина со стапка на невработеност од повеќе од триест проценти, не ни дозволува да донесеме задоволителни заклучоци за реалното ниво на нееднаквоста.

Оваа висока стапка на невработеност е проследена и со висока стапка на сива економија. Во зависност од заклучокот кој сакаме да го донесеме така и ќе го ставиме акцентот, односно дека сивата економија ја намалува или ја зголемува нееднаквоста.

Се додека луѓето се разликуваат едни од друга, нееднаквоста ќе биде составен дел од пазарната економија и истата ќе биде проследена со одредено ниво на доходна нееднаквост. Но, зошто е тоа проблем?

Големината на питата не е фиксна. Делот кој би го добиле најсиромашните дваесет проценти од населението, нема да претставува дваесет проценти од питата. Но се додека големината на питата расте, најсиромашните добиват поголемо парче од истата. Богатите стануваат побогати, но во исто време и најсиромашните се збогатуваат. Па така, со поголема пита во рацете, сите излегуваат како победници.

Индексите кои мерат доходна неееднаквост се статични, односно не гледаат дали во двата периоди во кои е правена пресметката, дали истата група на луѓе сеуште се наоѓа во истата доходна група. Секако во дваесетите години ќе заработувате помалку отколку во залезот на кариерата, што би ве сместило во пониско доходна група.

Во исто време треба да се погледне и доходната мобилност на населението во Македонија, бројки со кои барем јас не сум сретнал.

Тоа би значело дека многу е поважна можноста за искачување на скалилото на повисок доход, отколку самата нееднаквост во даден момент.

Исто така, едноставните мерења на доход изоставуваат што парите денес можат да купат. Дури и да претпоставиме дека доходната мобилност е непостоечка, да се биде сиромашен денес претставува многу побогат живот отколку пред триесет години. Паметните телефони на пример, заменуваат огромен број на направи од минатото за многу пониска цена, неверојатно збогатувајќи ја нашата благосостојба. Ако фрлиме поглед на автомобилите, перформансите кои ги добиваме за истите пари се неверојатни.

Исто така денеска потребно ни се помалку работни часови да ги си ги дозволиме истите работи од пред триесет години (линк 1, линк 2, линк 3, линк 4, линк 5, линк 6, линк 7)

Иако статистиките се однесуваат на САД и најверојатно бројките целосно не се совпаѓаат, глобализацијата и трговијата овозможуваат да го следиме истиот тренд.

Ако навистина сакаме да им помогнеме на сиромашните ние може да ја распределуваме питата, меѓутоа како што ќе поминува времето големината на питата ќе биде се помала, па на крај ќе доведе до поголеми загуби отколку добивки, и тоа токму на групата на која најмногу сакаме да и помогнеме – сиромашните. Наместо тоа, потребно е да се префрли топката кон политики кои стимулираат создавање на богатство и овозможуваат доходна мобилност, без оглед на доходната група.

Нееднаквостта сама по себе не е проблем – сиромаштијата е. И да не заборавиме, Џини коефициентот (Gini Coefficient) кој ја мери доходната прераспределба (нееднаквоста) ги сместува Сингапур и Еквадор една до друга – две земји каде што подобро би било да сте ,,сиромашен” во едната отколку ,,богат” во другата.

Симон Саревски, Либертаниа

*Колумните се лични ставови на авторите и Macedonian Business Hub се оградува од ставовите во објавените колумни, а одговорноста за изнесеното во нив е исклучиво на авторот.

error: Content is protected !!