Пазарот на виртуелна и проширена реалност до 2020 година ќе достигне 162 милијарди долари

Наредните неколку години, сѐ до 2020 година, вредноста на пазарот на виртуелната и проширената реалност би требало да порасне со мошне високи стапки и така од овогодинешните 5,2 милијарда долари ќе достигне повеќе од 162 милијарди долари, проценуваат аналитичарите на IDC во својот најнов извештај.

Според нивните проценки, просечниот годишен раст ќе биде поголем од 181%, односно секоја година пазарот речиси двојно ќе се зголемува. Ваквата прогноза се темели на проценувањето на растот, кој оваа година ќе биде поголем од 200%, тврдат аналитичарите на IDC.

Растот во наредните години се темели пред сe на развојот на софтвер и хардвер, како и на услугите кои ќе ја поддржуваат проширената и виртуелната реалност. Секако, како што и се очекуваше, најмногу ќе расте пазарот во азиско-пацифичкиот регион вклучувајќи ја и Јапонија, иако IDC секогаш ја гледа одвоена, потоа пазарот на Северна Америка (пред сѐ САД), а веднаш потоа Западна Европа. Овие пазари ќе изнесуваат дури три четвртини од приходите на целиот свет.

Аналитичарите потенцираат дека проширената и виртуелна реалност до пред неколку години се сметале за научна фантастика, но денес благодарение пред сѐ на најновите модели на паметните телефони како и VR-наочарите, овој пазар очекува раст. Притоа предупредуваат како уште треба да се бара конкретна примена на проширената и виртуелна реалност, но за почеток најчесто ќе бидат користени за едукација, логистика и производство.

error: Content is protected !!