Германското индустриско производство го забележа својот најголем пад од 2009 година

Германското индустриско производство во декември го забележа својот најголем пад од рецесиската 2009 година, покажуваат денеска објавените официјални податоци.

Во декември 2019 година, индустриското производство падна 3,5 проценти во однос на претходниот месец, кога се зголеми за 1,2 проценти според ревидираните податоци, соопшти Министерството за економија и енергетика.

Падот во последниот месец минатата година е најголем од јануари 2009 година.

На крајот на годината, производството во градежниот сектор најмногу опадна, за 8,7 проценти, додека преработувачката индустрија исто така бележи значителен пад, за 2,9 проценти.

Најголем пад има побарувачката од еврозоната, за 13,9 отсто на месечно ниво, додека домашната потрошувачка е зголемена за 1,4 отсто.

– Слабеењето на производството и новите нарачки во последно време доведуваат до заклучок дека слабата економска состојба во индустријата сè уште не е надмината”, наведува Министерството.

Извозно ориентираните германски производи веќе подолг период имаат проблеми поради забавената странска побарувачка, но и неизвесноста поврзана со трговските спорови и одлуката на Велика Британија да ја напушти Европската унија.

Германија ја избегна рецесијата во третиот квартал од 2019 година, а во текот на изминатата година имаше пораст од 0,6 отсто, што е најслабо од 2013 година. Податоците за четвртиот квартал ќе бидат објавени следниот петок.

error: Content is protected !!