Народна банка: Денарот е стабилен а девизните резерви се двојно повисоки од пред кризата во 2008 година

Народната банка вели дека девизниот курс е стабилен и нема промени во неговото ниво, откако, како што соопштија оттаму, во некои медиуми и на социјалните мрежи има објави во кои што се коментираат девизни курсеви на онлајн-платформи. Од Народна банка укажуваат дека овие онлајн-платформи не се релевантен извор за следење на вредноста на денарот и објавите на овие онлајн-платформи не произлегуваат од реално тргување со валути.

„Единствен релевантен извор на информации според кој што населението и фирмите може да го следат девизниот курс на домашната валута е курсната листа што ние како централна банка ја објавуваме на нашата веб-страница. Таа ги отсликува цените на валутите од реалните тргувања на домашниот девизен пазар. На курсната листа која што е во важност и во моментов, средниот курс на еврото во денари изнесува 61,69 денари“, се вели во соопштението.

Од Народна банка апелираат на совесно и одговорно информирање и проверка на вистинитоста на изворите на информации, бидејќи, како што велат оттаму, секое произволно толкување на информациите во врска со домашната валута може да креира негативни ефекти за нашата економија.

„Апелираме онлајн-платформите да не се користат како релевантен извор на информации и нивното прикажување на виртуелни пресметковни курсеви да не се смета за релевантен податок. Овие платформи не ја прикажуваат вредноста по која странските валути се купуваат на домашниот пазар, односно кај банките и менувачниците. Девизниот курс на денарот е стабилен и нема промени во неговото ниво. Во повеќе наврати истакнавме дека располагаме со низа инструменти со коишто гарантираме дека девизниот курс на денарот во однос на еврото ќе остане стабилен. Потсетуваме дека девизните резерви коишто се клучни за одржување на стабилноста на курсот на домашната валута се на високо ниво, и тоа двојно повисоко од пред глобалната економска криза во 2008 година“, велат од Народна банка.

Гувернерката на Народната банка Анита Ангеловска-Бежоска на прес-конференција на 18 март кажа дека девизните резерви изнесуваат три милијарди евра. Таа тогаш рече дека банките ќе продолжат да работат, но апелираше граѓаните да ги избегнуваат експозитурите за да си го заштитат здравјето и побара од граѓаните повеќе да користат електронско банкарство

error: Content is protected !!