Трговска Марка – ексклузивитет во рацете на претприемачите

Трговска марка (ТМ) како поим, претставува посебен знак, по кој што се разликуваат производите или услугите на одреден бизнис, од оние на останатите.

Општо земено, трговската марка може да биде состaвена од: зборови, букви, бројки, цртежи, бои, слики, форми, логотипи, етикети, или пак комбинации на горенаведените кои се користат да се прави разлика помеѓу продуктите на дадена компанија, од останатите компании. Важно е да се напомене дека македонската легислатива дозволува формална заштита на ТМ на било кој јазик и било кое писмо.

Во последно време, постои зголемен интерес за заштита и на други – нетрадиционални ТМ, како на пример: тродимензионални (чоколадото Toblerone), аудио-звуци (татнежот на лавот од MGM) или олафакторни (мириси и парфеми), но ваквите регистрации сеуште не се дозволени во многу земји. Во повеќето случаи постојат јасни граници за тоа што може да биде регистрирано како заштитен знак, генерално дозволувајќи само знаци коишто се визуелно воочливи или може да бидат претставени графички.

Зошто да ја заштитам мојата ТМ?

Повеќето бизниси денес ја разбираат важноста на користењето на трговски марки за разликување на нивните производи од конкурентите, но не сите ја разбираат важноста на нивната формална регистрација, бидејќи ова е една од видовите на интелектуална сопственост кои бараат формална заштита. На прашањето – зошто да ја заштитам ТМ, одговорот е едноставен: поради можноста за ексклузивно право на користење на марката. Било да е тоа можноста на потрошувачите да им дадете јасна дистинкција, сигурност во квалитетот, да си дозволите силна маркетинг алатка за јакнење на брендот и имиџот, или пак да ја зграпчите можноста за франшиза / лиценца и обезбедување на екстра приходи, вие практично си обезбедувате еден вид на „легален монопол“.

Многумина од претприемачите сеуште не прават јасна разлика помеѓу трговската марка и името на компанијата – фирмата. Тие веруваат дека ако го регистрираат нивниот бизнис и неговото трговско име (фирма) во регистарот на трговски друштва, истото име ќе биде автоматски заштитено како нивна трговска марка, што се разбира не е точно. Името на бизнисот е целосниот назив на вашата компанија, на пример: „Нова Маркетинг Компанија доо“, а името на ТМ може да биде: „НоваАдвертисмент“ или „НоваБилборд“ или обете, доколку компанијата одлучи да има различни трговски марки за различни класи на производи или целни групи. Ова најчесто го прават автомобилските компании со секоја нова класа на автомобили. Некои компании пак, може да ги користат нивните трговски имиња (фирми) или дел од нив како трговска марка – на пример технолошкиот гигант Apple го прави истото во случаите на iPhone, iPod и iMac.

Што не може да биде заштитено како трговска марка?

Доколку се решите на регистрација на ТМ за вашиот бизнис, треба да имате на ум дека постојат категории на знаци за кои обично се одбива пријавата за регистрација поради т.н. „апсолутни прилични за одбивање“ како што се:

•Генерички поими – не може да регистрирате марка „чевли“ доколку сте производител на чевли или обувки, затоа што тоа се смета за генерички поим за производите од таа класа.

•Заведувачки поими – ова се оние трговски марки кои го доведуваат во заблуда обичниот потрошувач во врска со квалитетот, природата или географското потекло на производот. На пример, доколку пробате да регистрирате ТМ со приказ на кожа на јакни кои се направени од скај, многу е веројатно регистрацијата да биде одбиена поради можноста за лажно поврзување на вашата марка со кожните производи.

•Описни поими – зборовите како што се: најдобро, најбрзо, најквалитетно, слатко, или иновативно (и нивните варијации) обично биваат одбивани за региситрација, помеѓу другото и затоа што на еден деловен ентитет ќе му се даде преголем ексклузивитет врз овие описни поими.

•Знамиња, грбови и официјални симболи на држави/организации

•Марки спротивни на јавниот поредок и морал – зборови или илустрации кои се сметаат за повреда на општоприфатените норми на моралот или религиите генерално се одбиваат да бидат официјално регистрирани како трговски марки.

•Трговска марка која е во конфликт со друга постоечка марка – ова е т.н. „релативна основа“ односно, во случаи кога има веќе регистрирана идентична или многу слична ТМ за истата класа на производи (пр. храна и пијалоци).

Какви видови на трговски марки постојат

Генерално, постојат 4 типа на трговски марки и тоа:

•Услужни марки – услужните марки се многу слични на трговските, со тоа што трговски марки ги разликуваат продуктите на една компанија од оние на другите компании, додека услужните марки ги разликуваат на услугите на еден бизнис од друг. На пример финанскиски, банкарски, угостителски, консултанстки и други видови услуги.

•Колективни марки – се користат во случаи кога повеќе производители или органзации сами по себе користат индивидуални марки, но чии членови може да ја користат и колективната марка за поефикасно означување на своите продукти на пазарот. На пример, колективна марка „Шарско биено сирење“ би можеле да користат сите производители на биено сирење од географскиот регион на Шар Планина, покрај нивните сопствени ТМ, како еден вид колективен маркетинг.

•Сертификатни марки – се дозволуваат за користење кога една копманија има усогласеност со пред-дефинирани стандарди, кои може да се користат од секој кој може да потврди дека производите или услугите исполнуваат одредени воспоставени стандарди. Најпознат пример за ова е Woolmark која може да се користи искучиво за предмети кои докажано се направени од 100% волна.

•Добро познати марки – се трговски марки кои што се сметаат дека се добро познати од страна на пошироката јавност, дури и ако тие не се регистрирани, или дури не се ни користат на дадена територија. Ова уште се нарекува и „корист од посилна заштита“. Главната цел на оваа „посилна заштита“ е да ги спречи конкурентите од слободно користење на угледот на некоја добро позната марка или предизвикување штета на нејзината репутација. Па така, во Македонија нема да може да регистрирате марка Vodafone, иако таа не биде формално регистрирана или воопшто не се користи во нашата земја.

На заштитата преку трговска марка гледајте како на моќна алатка преку која ќе ја градите вашата уникатност, претпознатливост и углед преку квалитетен однос кон клиентите. Ако вашиот бренд е автомобил „со сите нишани“, тогаш трговската марка ќе биде управувачкиот волан со помош на кој ќе го насочувате брендот во посакуваниот правец.

Ѓорѓи Рафајловски
Оперативен директор на SEEUTechPark, првиот технолошки парк во Македонија.

*Колумните се лични ставови на авторите и Macedonian Business Hub се оградува од ставовите во објавените колумни, а одговорноста за изнесеното во нив е исклучиво на авторот.

error: Content is protected !!