Индустриски дизајн – борба против обичното

Во 1915г. Coca-Cola ги замолува своите добавувачи на шишиња да дизајнираат специјално шише за компанијата, со прецизна напомена: „да бидат поразлични од се дотогаш познато, и веднаш препознатливи – дури и во тотална темница!“. Дизајнерот Earl R. Dean се нафаќа на предизвикот добивајќи инспирација од енциклопедиска слика од плодот на една од состојките. Денес уникатното стаклено шише на Coca-Cola e ремек-дело на индуструскиот дизајн.

Во 1937г. Joseph B. Friedman забележува дека неговата мала ќеркичка се мачи со пиењето сок од цевка во висока чаша, па ја патентира „цевката за пиење со превиткувачки врат“ и додава сосема нова димензија на она што луѓето често го правеле можеби иљадници години наназад.

Една од најминималистичките, но и најуспешни дизајни се случува во 1950-тите кога е петентиран хула-хопот. Во самиот врв на ‘хула-хоп треската’ во 1958г. продадени се повеќе од 100 милиони примероци.

Дека минимализмот се исплати докажува и Jonathan Ive, кој на Apple во 2007 му го олицетвори чистиот и сјаен дизајн на iPhone-от, по кој следеа iPod и iPad, кои станаа дел до енормниот успех на сосема новата генерација на мобилна технологија.

Токму овие примери најдобро го отсликуваат потенцијалот на индустрискиот дизајн. Комбинирајќи ги креативните, концептуалните и слободоумните развислувања, индустрискиот дизајн ги претвора обичните продукти во посакувани предмети.

Меѓутоа, од перспектива на правото на интелектуална сопственост, поимот ‘индустриски дизајн’ се однесува само на естетските аспекти или надворешниот изглед на производот, а не и на неговите функционалности. Со други зборови, иако дизајнот на производот може да има технички или функционални карактеристики (на пример Zippo запалките), како категорија на правото на интелектуална сопственост, поимот се однесува само на естетската природа на крајниот производ и оттука се одвојува од кои било технички или функционални аспекти (самата технологија на запалки).

Како општо правило, индустрискиот дизајн се состои од: 1) три-димензионални карактеристики – обликот на производ, и 2) дво-димензионални карактеристики – украси, шеми, контури и бои, или комбинација на две или повеќе од нив.

Бидејќи индустрискиот дизајн подлежи на формално-правна регистрација, за да може да се регистрира, во зависност од националните законодавства, мора да исполнува минимум еден или повеќе од следните услови:

Дизајнот да е нов – еден дизајн се смета за нов ако идентичен дизајн не е ставен на располагање на јавноста пред датумот на поднесување на пријавата за регистрација.

Дизајнот да е оригинален – се смета за оригинален ако тој е создаден независно од страна на дизајнерот, и не претставува копија или имитација на веќе постоечки дизајни.

Дизајнот има т.н. ‘индивидуален карактер’ – oвој услов е исполнет доколку целокупниот впечаток што дизајнот го остава на информиран корисник се разликува од општиот впечаток направен на таков корисник на кој било претходно регистриран дизајн кој дотогаш и бил достапен на јавноста.

Денешните претприемачи можат индустрискиот дизајн да го применат во скоро сите индустрии и гранки на деловното работење, од масовно произведени, до т.н. производи по мерка. Во одредени случаи, индустриски дизајн се применува и на пакувањето на производот и неговото чување.

Во дигиталниот свет, доменот на заштита постепено се проширува и во покривање и на дигиталните видови на дизајн. Па така, тие сега ги вклучуваат и елементите како што се електронските десктоп икони, печатарскиот фонт, дисплеите на домашните апарати, компјутерските монитори и мобилните телефони.

Времетраењето на заштита за регистрирани индустриски дизајни обично е најмалку 10 години, но тоа се разликува од земја до земја, а често знае да трае и подолго. На пример, 14 години е заштитата за дизајн на патенти во САД, или 25 години на регистриран дизајн во ЕУ. Посебно внимание треба да се посвети на Европската регулатива, каде што од скоро време законодавството овозможува да се добие ограничена заштита на индустрискиот дизајн дури и за нерегистриран дизајн – за период од 3 години од датумот на кој дизајнот станал достапен на јавноста во Европската Унија. Во некои земји постојат и алтернативни начини за заштита на индустриските дизајни. Една таква алтернатива е преку законот за авторско право, а друга преку законот за регистрација на трговски марки – ако индустриски дизајн на пазарот функционира како трговска марка, истиот може да биде заштитен како тродимензионална марка (чоколадата Toblerone).

Постојат голем број причини зошто е важно стартапите за да ги заштити своите дизајни. Меѓу најважните секако би ги издвоиле следните:

Дизајнот на определен предмет многу често е одлучувачкиот фактор што го прави атрактивен и привлечен за потрошувачите. Визуелниот изглед може да биде клучен при одлучувањето на потрошувачот да избере еден производ пред друг. Ова е особено важно кај категориите каде што има широк спектар на производи кои вршат иста функција (четки за коса, ножеви, ламби, облека, велосипеди или електронски уреди). Со оглед на комерцијалната важност на дизајнот во успехот на еден производ, заштита од копирање и имитирање од конкурентите треба да биде клучен дел од деловната стратегија на кој било дизајнер или производител.

Паметните индустриски дизајни се средства кои може да ја зголемат комерцијалната вредност на компанијата и нејзините производи. Колку е поуспешен дизајнот, толку е поголема неговата вредност за компанијата. Како што е случај со сите други средства на компанијата, и тие треба да бидат соодветно управувани, набљудувани и заштитени.

Индустриски дизајн игра голема улога во успешениот маркетинг на широк спектар на производи, и тој директно помага да се дефинира имиџот и брендот на компанијата. Заштитата на дизајнот обезбедува ексклузивност над неговото користење и е клучен елемент во маркетинг стратегијата на компаниите во развој.

Успешните компании го користат индустрискиот дизајн во комбинација со другите алатки со цел да направат успешен микс и да ги приспособат своите продукти кон специфичните групи на клиенти, да креираат нови позиции на пазарот, или пак да ги зајакнат своите брендови.

Можеби токму токму твојот бизнис ќе ги креира следните Mini Cooper автомобили, Piaggio Vespa скутери или Rolex часовници. Шансите веќе да поседуваш сопствен дизајн, или барем концепт се на твоја страна.

Ѓорѓи Рафајловски
Оперативен директор на SEEUTechPark, првиот технолошки парк во Македонија.

*Колумните се лични ставови на авторите и Macedonian Business Hub се оградува од ставовите во објавените колумни, а одговорноста за изнесеното во нив е исклучиво на авторот.

error: Content is protected !!