Парафискалните давачки за малите и средни компании се поголеми од даноците

Парафискалните давачки претставуваат голем товар за стопанството, а нивниот број во континуитет се зголемува во изминативе десетина години, пишува Нова Македонија.

Покрај средствата, компаниите губат време и во долги и застарени административни процедури, за кои е потребна многубројна документација. Дополнително, постојниот систем на скриени давачки е непредвидлив и тоа сериозно влијае на конкурентноста на македонското стопанство. Бизнис-секторот препорачува да се воспостави унифициран регистар на парафискални давачки, кој ќе ги опфати сите вакви давачки на локално и на централно ниво и ќе биде доволно богат со информации од аспект на цена, сектор и намена, а при што ќе може да се направи бришење или спојување на оние парафискални давачки што се слични, непотребни или ги оптоваруваат компаниите.

Од Сојузот на стопански комори на Македонија, пак, предупредуваат дека во меѓувреме парафискалните или скриените неданочни такси, давачки и надоместоци се зголемуваат и претставуваат сѐ поголем товар за деловните субјекти.

– Кога се во прашање малите и средните претпријатија, искуството покажува дека средствата што се ангажираат за овие трошоци се двојно поголеми од оние за плаќање на даноците на годишно ниво. Парафискални такси не се само оние што директно ги наметнува државата туку и оние за кои му дава јавни овластувања на друг да ги собира и од таа причина на пазарот постојат големи оптоварувања од потврди за извршен периодичен здравствен преглед на вработените за кои се плаќаат високи суми, а кои основни услуги секој вработен може да ги добие од редовен преглед преку здравственото осигурување што го плаќа работодавецот – истакнуваат од ССК.

Оттаму додаваат дека уште еден пример е надоместокот за фискални каси, регулиран со Законот за регистрирање на готовинските плаќања, со кој, покрај фискалните апарати, од компаниите се наплаќаат милиони денари од фискален апарат за одржување, неоснована давачка што се наплаќа без разлика дали компанијата користи услуга на одржување или не.

– Како еден од приоритетите е промена на основата на која се пресметува фирмарината, бидејќи на начинот на кој сега се утврдува тој износ, и малите и големите претпријатија плаќаат ист износ, што за малите претпријатија претставува големо оптоварување и трошок – нагласуваат надлежните од ССК.
Тие велат дека парафискалните давачки и без кризните околности во кои се наоѓаме во последниов период претставуваат значителен трошок за претпријатијата и на нивно барање се адресира како проблем за кој очекуваат реформи во насока на нивно значително намалување и каде што можностите го дозволуваат тоа укинување.

Целата статија можете да ја прочитате ТУКА.

error: Content is protected !!