Нов дополнителeн јавен долг од 2 милијарди евра во наредниве години

Нови дополнителни 2 милијарди евра јавен долг на среден рок, односно долгот да достигне 9.000.000.000 евра, планира Владата во Стратегијата за јавен долг 2022-2026 година на Министерството за финансии.

Во следните години јавниот долг по глава на жител ќе се покачи за 1000 евра, односно секој граѓанин во Република Македонија ќе должи по 4.500 евра. Ова е дуплирање на јавниот долг кој го затекна оваа Влада во 2016 година.

За да ги соберат овие пари, Министерството за финансии покрај кредити, еврообврзници и аукции на државни хартии на вредност на домашниот пазар, планираат да издаваат и нови хартии за задолжување. Во Стратегијата се наведува дека Министерството планира да издава таканаречени „зелени обврзници“, а средствата кои ќе ги соберат преку нив ќе биле наменети за екологија.

Исто така, Министерството за финансии планира во иднина покрај кај банките, фондовите и меѓународните финансиски институции, да се задолжува и кај македонските граѓани и фирми преку таканаречени „развојни обврзници“.

Согласно Стратегијата за јавен долг 2022-2026, Владата не планира да го намалува јавниот долг како номинален износ. Согласно графикон 2 од Стратегијата, истиот ќе расте секоја година по 500.000.000 евра и ќе достигне и задржи ниво од 9.000.000.000 евра.

error: Content is protected !!