Мизо:Состојбата во автомобилската индустрија е критична и сериозно ги погодува добавувачите на автомобилски делови кои работат во Македонија

Факт è дека состојбата во автомобилската индустрија е критична. Сите медиуми и професионални организации во светот известуваа за ова, но кај нас некако не се посвети доволно внимание на проблемот со микрочипови, изјави Виктор Мизо во интервјуто за Извоз.

-Последните прогнози се дека идната година во светот ќе се произведат 8,45 милиони помалку возила или 9,3% помалку од планираното. Во 2023 година оваа бројка ќе биде за околу 1 милион или 1,1% помалку од планираното.

За Европа се очекува дека дури по 2028 година ќе се достигне највисокото преткризно ниво на произведени автомобили од 2018 година.

Ваквата состојба сериозно ги погодува добавувачите на автомобилски делови кои работат во земјата. Компаниите веќе почнуваат сериозно да го намалуваат производството, што ги принудува соодветно да ги рационализираат трошоците. Во зависност од поставеноста на компанијата во синџирот на добавувачи, падот на приходите споредено со планот достигнува и до 35%. Овој тренд ќе продолжи и во претстојните месеци. Веќе имаме случаи во некои фабрики да се затвораат погоните на определен период, намалување на смените, непродолжување на договорите за вработување, намалување на бенефициите и сл.

Иако предвидувањата за недостаток на микрочипови не се многу поволни, сметам дека ефектите кои ќе следат по вработените, а со тоа и на националната економија, ќе зависат најмногу од способноста за брзо реорганизирање на корпорациите и од поддршката на националните власти, изјави Мизо во интервјуто за Извоз.

error: Content is protected !!