Пропадна тендерот за РЕК Битола, ќе се распишува нов за набавка на јаглен

ЕСМ повторно ќе распишува тендер за набавка на јаглен за РЕК Битола. Петте компании што се јавиле на повикот не ги понудиле бараните количини, изјави директорот на Електрани, Васко Ковачевски.

За ТЕЦ Осломеј се бараа 300.000 тони јаглен. Понудите се прифатени, но дополнително ќе се избира компанијата од која ќе се купи. За разлика од ТЕЦ Осломеј во РЕК Битола се бараше итно да се купат 900.000 тони јаглен. Понуди имало – но количините кои се нуделе биле мали. Сега јаглен ќе се бара на нов тендер.

На тендерот за купување на вкупно 1, 2 милиони тони јаглен се пријавиле девет фирми од Косово, Албанија, Турција, Русија и БИХ. За понудите за ТЕЦ Осломеј сега ќе треба да се направи техничка,и економска анализа, проверка на пробните количини кои треба да се достават и дури потоа одлука за избор на компанијата од која ќе се купи.

Преку зголемување на домашното производство на струја владата планираше да го амортизира ударот од енергетската криза. Цената на струјата на светските берзи се зголеми за 4 пати и достигна и до 200 евра за мегават час. Откако снабдувачите почнаа да ги раскинуваат договорите со компаниите, владата најави дека со интервентната набавка на јаглен ќе се обиде да им помогне и на компаниите и да понуди струја по пониска цена од берзанската.

Цената за домаќинствата е гарантирана до Нова година, а дали догодина ќе има корекции ќе се знае откако ќе се пресметаат загубите на компаниите.

error: Content is protected !!