Во љубов и војна – се е дозволено

Конфликтот помеѓу Русија и Украина деновиве влијаеше на многу аспекти од глобалната, но и на Македонската еекономија. Секако, голем дел од дискусиите се фокусираа на геополитичките последици од судирот и како тоа ќе се одрази врз секојдневното живеење. Сепак, постои уште еден – ‘скриен’ и не толку видлив агол на работите, а тоа е војната со Интелектуалната Сопственост – ИС.

ИС како воена тактика?! Да. Еве и како…

На почетокот на март, Канцеларијата за патенти и трговски марки на САД и Канцеларијата за интелектуална сопственост на ЕУ ја прекинаа работата со нивните Руски колеги – Канцеларијата за ИС „Роспатент“ Русија. Одговорот од руската страна беше: издавање декрет за легализирање на неовластената употреба на патенти и други сродни права на ИС во сопственост на корпорации од „непријателските“ земји на целата територија на Русија. А списокот на непријателски земји е долг и ги вклучува сите оние кои воведоа санкции или презедоа дејствија против кој било руски субјект или поединец: САД, Британија, Канада, Австралија, Јапонија, Јужна Кореја, земјите од ЕУ, секако Украина, но и Македонија помеѓу другите.

Ова во пракса значеше дека секој поединец или бизнис со седиште во Русија, сега може да користи странски патенти без предходна дозвола од сопственикот(!), и тоа може да го сторат со стапка на авторски права од 0% (т.е. бесплатно), без воопшто да плаќаат било каков надомест или оштета. Па така, секој поединец или бизнис што кој доаѓа од „листата на непријателски земји“ а добил заштита за својот патент или трговска марка во Руската Федерација, одсега нема да може да ги користи таквите права. Руското „Министерство за економски развој“, во иднина дури размислува за отстранување и на заштитата за имотот на ИС надвор од доменот на патентите, како на пример трговските марки или авторството, со цел да се ублажи влијанието на санкциите врз синџирите на снабдување и достапноста на стоки и услуги во Русија.

Како тоа се одразува на бизнисот?

Кон средината на Март, еден суд во Руската Федерација пресуди дека авторските права поврзани со популарниот британски цртан филм „Peppa Pig“ може да ги користи еден руски бизнис без предходна согласност и без никаков надомест или хонорар за неговата употреба. „Entertainment One UK Ltd.“ кој всушност е сопственикот на правата на ИС за „Peppa Pig“ го тужеше рускиот бизнис за прекршување на авторските права, но во оваа пресуда судијата се изјасни дека „непријателските дејствиа на САД и други поврзани странски земји“ влијаеле на оваа негова одлука.

Во друг случај, еден познат руски ланец ресторани, неодамна аплицираше за локално регистрирање на трговска марка многу слична на познатите сводови на „McDonalds“. „Brand Finance“ ја проценува вредноста на глобалниот бренд на „McDonald’s“ на $39,72 милијарди долари, што е околу 17,4% од вредноста на целата компанија. Покрај загубата на приходите во Русија (приближно 9% од вкупните приходи) и со оглед на фактот дека „McDonald’s“ се обврза да продолжи да ги плаќа платите на своите работници и закупнината за локациите, се проценува дека само затворањето во Русија ќе ги чини околу $50 милиони долари месечно. Ова несомнено има огромно влијание врз трговската марка и целокупната вредност, а уште повеќе ако заштитата на трговска марка во Руската Федерација престане да важи.

Поновите жртви на ваквото ‘сквернавење’ на трговските марки се забележани и кај познатите брендови „Dr.Pepper“ и „Skittles“.

И Украина, од друга страна, не беше пасивна во оваа битка за интелектуалната сопственост. Незиното „Министерство за одбрана“ неодамна извести дека хакирале и обелодениле доверливи документи за кои тврдеше дека потекнуваат од една руска нуклеарна централа!

Дали сево ова го прекршува меѓународното право?

Многумина ќе бидат изненадени, но всушност Русија не е првата земја што ги укина правата на ИС на овој начин. За време на Првата и Втората светска војна, и владата на САД запленувала приватен имот и корпорациски имот кој потекнувал од земји кои се сметаат за тогашни „непријатели“. Преку својата „Alien Property Custodian (APC)” – агенција која управувала и контролирала странски имот, владата на САД ги конфискуваше познатите „Aspirin“, „Yamanaka & Co.“ и други средства што им припаѓаа на италијански, германски или јапонски државјани. Списокот на средства вклучувале скоро се – од коњи, килими, фабрика за чоколади, компанија за производство на моливи, па и пиварница.

Сите овие средства беа под контрола на APC-агенцијата со цел да го спречат непријателот да профитира. По завршувањето на војната во 1918 година, средствата под контрола на ова агенција беа национализирани или продадени на американските граѓани. Така, познатиот германски фармацевт „Bayer“ ги загуби скоро сите средства во САД. На аукција, неговите трговски марки и фабриката беа продадени на „Sterling Products, Inc.“ за $5,3 милиони долари. Сепак, на „Sterling“ му недостасуваше знаењето (know-how) на германската компанија, па „Sterling“ и „Bayer“ постигнаа договор: „Bayer“ обезбеди техничка помош на „Sterling“  и учествуваше во профитот на „Sterling“  што доаѓа од Америка, Австралија, Јужна Африка и Велика Британија за повеќето лекови на „Bayer“. На овој начин, матичната компанија „Bayer Germany“ можеше да надомести дел од загубите настанати поради одредбите за репарација според Версајскиот договор од 1919 година.

Версајскиот Мировен Договор пак, е уште еден пример за тоа како државите го третираат странскиот имот за кој се смета дека му припаѓа на непријател во време на војна. Според гореспоменатиот договор, „Bayer“ се откажа од трговските марки „Aspirin“ и „Heroin“ во корист на Англија, Франција, САД и Русија, и воедно се обврза да обезбеди 1/4 од своето производство на „Aspirin“ и „Heroin“ за овие земји. Точните детали за тоа како биле проценети овие репарации се непознати, но ова е пример за тоа колку скапа може да биде војната за една приватна компанија со седиште во земја што „не е пријателска“.

Што понатаму?

Руската суспензија на патенти и други права на ИС во сопственост на западни компании може да ги прекрши меѓународните договори кои ги штитат овие средства на глобално ниво. Сите земји од „Светската трговска организациа (WTO)“ треба да ги почитуваат овие закони и да гарантираат дека странските бизниси можат да ги спроведуваат правата на ИС против секакви имитатори.

Земјите кои сега се наоѓаат во улога на ’оштетени’ со руските мерки може да ја доведат Русија пред судот на WTO и да побараат да се воведат дополнителни санкции. Ова повторно би ги погодило руските бизниси, особено оние кои се потпираат на брендови и патентирана технологија, како и секторот на креативните индустрии.

Единствениот начин на кој Русија може да ги оправда овие мерки е преку потпирање на т.н. „безбедносен исклучок“ ставен на располагање од самата WTO. Овоj исклучок им овозможува на земите да преземат и оправдаат било какви активности, кои што сметаат дека се неопходни за заштита на нивните суштински безбедносни интереси за време на војна.

Но, за воља на вистината оваа клаузула никогаш не била повикана од ниту една земја-членка во контекст на вооружен конфликт и затоа никогаш не била ниту истестирана пред судот на WTO. Дополнително, за Русија конфликтот во Украина е „специјална операција“, а не војна!

Во секој случај, завземањето морален став често има своја цена. Западните корпорации кои ја прекинаа својата активност во Русија ќе претрпат загуби не само во приходите, туку и во вредноста на нивната индустриска сопственост на руска територија. Во сегашното сценарио, тие имаат ограничени опции за заштита на нивните патенти и трговски марки во самата Русија.

Од друга страна, дури и во случај на национализација, на руските добитници на правата на патенти и друга ИС исто така ќе им треба одредено инженерско знаење и вештини за тоа како најефикасно да ги искористат споменатите права, без кои тие нема да можат да ја оптимизираат нивната вредност. И Русија очигледно ќе претрпи економски и репутациски загуби.

Во меѓувреме, иако во љубовта и во војната се е дозволено – од аспект на парите, засега сите губат.

Ѓорѓи Рафајловски

Оперативен директор на SEEUTechPark, првиот технолошки парк во Македонија.

*Колумните се лични ставови на авторите и Macedonian Business Hub се оградува од ставовите во објавените колумни, а одговорноста за изнесеното во нив е исклучиво на авторот.

error: Content is protected !!