Со новиот ребаланс настрадаа капитални инвестиции од 100 милиони евра

Со ребалансот на Буџетот капиталните расходи се планирани на ниво од 32,2 милијарди денари, за околу 6 милијарди денари (скоро 100 милиони евра) помалку во однос на планот за 2022 година.

Министерот за финансии Фатмир Бесими, денеска образложувајќи го ребалансот нагласи дека капиталните инвестиции за оваа година остануваат на рекордно ниво и со оваа сума, односно тaа е за 8,8 милијарди денари или 37,8 проценти повисоко во однос на минатата година и за 16,1 милијарди денари, односно два пати повисоко во однос на 2020 година. Механизмот КАПЕФ, како што рече, функционира, се следи будно реализацијата и онаму каде има послаба динамика на реализација се одземаат средствата.

-Значајни инвестициони вложувања со буџетски средства се планирани во областа на патната инфраструктура, на Коридорот 8: проширување на автопат Тетово-Гостивар, изградба на нов автопат Требеништа – Струга – Ќафасан, изградба на делница Гостивар-Букојчани, делницата Ранковце-Крива Паланка и Крива Паланка до границата со Бугарија, како и западниот дел од патниот Коридор 8 преку изградба на автопатска делница Кичево-Букојчани и делницата Кичево-Охрид, информира министерот.

На Коридорот 10 е планирана делницата Прилеп – Битола. Дополнително, JПДП ќе изготви физибилити студија за изградба на патот Тетово-Призрен. Исто така, со кредитни средства предвидена е изградбата на автопатската делница Скопје-Блаце (граница со Косово), подобрувањето на патната инфраструктура на општините во Република Македонија преку Проектот за поврзување на локални патишта.

-Во делот на железничката инфраструктура, планирано е финансирањето на трите фази од изградба и рехабилитација на источниот дел од железничката пруга – Коридор 8, како и Проектот изградба на железничка пруга Кичево – граница со Албанија. Воедно, планирана е изградбата на железнички граничен премин со придружни содржини „Табановце“ помеѓу Република Македонија и Република Србија која ќе се финансира со заем и грант средства од WBIF (Инвестициска рамка за Западен Балкан), рече Бесими.

Во областа на гасификацијата, предвидена е изградба на магистралните гасоводи делница Скопје-Тетово, Гостивар – Кичево и делница Свети Николе – Велес, како и на интерконективните гасоводи со Косово, со Србија и со Грција.

Предвидена е изградба и реконструкција на основни и средни училишта, изградба на фискултурни сали во средните училишта, реконструкција на студентски домови, додека во делот на општинската инфраструктура се финансираат два големи капитални проекти: Проектот за подобрување на општинските услуги и Проектот за енергетска ефикасност во јавниот сектор. Планирани се и повеќе капитални проекти од комуналната инфраструктура.

Капитален проект вп животната средина е изградбата на Пречистителна станица за отпадни води Скопје, како и станиците за цврст отпад во Полошкиот, Југозападниот, Вардарскиот, Пелагонискиот регион, Југоисточен регион и Скопскиот регион.

error: Content is protected !!